Русија делумно ја укинува забраната за увоз на овошје и зеленчук од Египет

Одлуката е донесена откако Египет ја укина „нулта толеранцијата за присуство на ерготна габа“ при увозот на житарки, што претходно во септември претставуваше пречка за увозот на руска пченица.

Федералната ветеринарска и фитосанитарна инспекција ќе ја укине забраната за увоз на некои видови овошје и зеленчук од Египет, соопшти началникот на инспекцијата Сергеј Данкверт по средбата со египетската делегација во понеделникот. Одлуката е донесена откако Египет ја укина „нулта толеранцијата за присуство на ерготна габа“ при увозот на житарки.

„Се работи за следново: ние бираме што можеме сега да дозволиме, но го задржуваме правото секој момент да извршиме инспекција и повторно да го забраниме увозот доколку соработката не биде ефикасна”, изјави Данкверт, пренесува „Взгљад”.

„Нема во целост да дозволиме увоз. Сега ќе решиме што може да се увезува, луѓето ќе проверат каде има штетни материи, каде нема”, додаде началникот на руската инспекција. Тој изјави дека засега, меѓу другото, нема да биде дозволен увоз на компир.

Службата за карантин на Египет на 16 септември одби да увезе 60 тони руска пченица од пристаништето Новоросијск поради проблеми поврзани со појавата на ерготна габа. Истоварувањето на пченицата е одложено на неколку недели додека Каиро во својот правилник за увоз воведе нулта толеранција на ерготна габа.

Истиот ден Русија соопшти дека од 22 септември воведува привремено ограничување на увозот на египетско овошје и зеленчук поради систематско кршење на фитосанитарните барања. Тоа очигледно беше одговор на ограничувањата што ги воведе Египет.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња