Во средината на август 2016 година Министерството за земјоделство на САД (USDA), чија аналитичка агенција се смета како една од најавторитетните во светот, даде сензационална изјава: во започнатата земјоделска 2016/17 година „Русија за прв пат ќе стане најголем извозник“. Според податоци на Министерството, таков силен резултат земјата успеала да постигне благодарение на „оптималните временски услови, ефикасниот менаџмент на движењето на зрното на пристаништата и стабилното снабдување во годината“.
Според прогнозата на USDA Русија може на светскиот пазар да продаде 30 милиони тони пченица, претекнувајќи ги сите 28 земји од ЕУ земени заедно. Лошата жетва, со која се соочи оваа година ЕУ отвора пред Русија нови пазари. „Русија има транспортни и логистички предности за да ги прошири своите позиции во Северна Африка, во регионот на Африка јужно од Сахара и на Блискиот Исток. Земјата лесно може да го зголеми својот удел на пазарот во овие области, доколку замени дел од извозните квоти за ЕУ“, се наведува во извештајот.
Вкупно, според податоци на USDA, оваа година во Русија се очекува да бидат собрани 72 милиони тони пченица. Министерството за земјоделство на Русија предвиде 73 милиони тони пченица, бидејќи ја зеде предвид и жетвата во Крим.
„Втора година по ред Русија го подобрува сопствениот историски рекорд во извоз на сите житни култури“, изјави за „Руска реч на македонски“ претседателот на Рускиот сојуз за житарки Аркадиј Злочевски. Според податоците на Министерството за земјоделство на Русија минатата година земјата извезе рекордни 34 милиони тони жито, вклучувајќи 25 милиони пченица. „Оваа година Русија ќе може да продаде 37-40 милиони тони жито“, коментира Злочевски.
Русија не е единствената земја со рекордна жетва оваа година. Меѓу лидерите во земјоделството се Австралија, Канада, Казахстан, Украина и САД, се наведува во извештајот на USDA. „Рекордното производство на пченица доведе до пад на цените на надворешниот пазар“, објаснува Аркадиј Злочевски.
Засега пречка за рекорден извоз на пченицата се ниските цени и домашната царина. Од 1 јули до 26 август 2016 година, според податоците на Националниот сојуз на производители на житарки, вредноста на пченицата од 4 класа (главна извозна стока) е намалена за 33% , односно на 138 американски долари за тон. „Бидејќи стапката на пораст на потрошувачката не го достигнува темпото на производство, постои определен ризик да не го продадеме целото количество предвидено за извоз“, стравува Злочевски.
Освен од ниските цени, извозот на пченица се спречува и со заштитните царини воведени во Русија во 2014 година. „Поради девалвацијата на рубљата извозот стана многу привлечен. За да не се дозволи зголемување на извозот, поскапување на житарките и лебот на внатрешниот пазар, владата воведе извозни давачки за пченицата“, објаснува Наталија Шагајда од Центарот за земјоделска политика на Руската академија за народно стопанство и државна администрација.
Ограничувачките мерки во услови на намалување на курсот на рубљата ги ставија производителите во тешка состојба, намалувајќи ги нивните приходи. „Земјоделските производители беа принудени да трошат повеќе за гориво, за средства за заштита и дополнителна опрема за увезената опрема, бидејќи сето тоа е врзано со девизниот курс на националната валута“, објаснува Наталија Шагајда.
Покрај тоа поради царините извозниците преминаа на краткорочни договори (не повеќе од 2-3 месеци) и престанаа да собираат резерви, што исто така се одразува на цената на пченицата, дополнува Злочевски.
Министерството за земјоделство на Русија, стравувајќи од забавување на продажбата, на 1 август 2016 година побара од Владата да ги укине извозните давачки за пченицата. Сепак, Владата досега не одговорила на барањето на министерството.
„Во моментов курсот на рубљата е стабилен, со што се намалува ризикот од поскапување на пченицата. Поради оваа укинувањето на царините е очекувана чекор“, коментира Шагајда.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче