Неуспешното ресетирање на односите меѓу Русија и САД преземено во времето кога на местото на американски државен секретар се наоѓаше Хилари Клинтон доведе до кризата во Украина, соопшти изборниот штаб на републиканскиот кандидат за претседател на САД Доналд Трамп.
Тимот на Трамп се огласи на овој начин откако беа објавени плановите на кандидатот на Демократската партија на САД за американски претседател Хилари Клинтон на маргините на 71 седница на Генералното собрание на ОН, помеѓу другото, да се состане и со претседателот на Украина Петро Порошенко, како и со шефот на египетската држава Абдел Фатах ал Сиси.
Најавениот состанок на Клинтон со претседателите на Украина и Египет републиканците го доживуваат како сериозен потсетник на тоа колку Хилари Клинтон беше неуспешна како шефица на американската дипломатија. Во соопштението на републиканците исто така се истакнува дека до кризата во Украина доведе нејзиното неуспешно ресетирање на односите со Русија.
Кога станува збор за Египет, во времето додека Клинтон беше на чело на Стејт департментот, прозападната влада на Египет беше заменета со „Муслиманските браќа“, потсетува изборниот штаб на Трамп.
„Потребен ни е нов силен лидер на светската сцена, таков како Доналд Трамп, а не некој кој повторно ќе спроведува политика на „лидерство зад туѓ грб“, како што беше во текот на изминатите осум години“, тврдат републиканците, пренесува ТАСС.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче