Русите со намалени трошоци за подготовка на децата за училиште

Русите годинава трошат помалку пари за школувањето на своите деца.

Расходите на Русите за подготовка на своите деца за училиште во 2016 година изнесуваат 14,8 илјади рубли (малку повеќе од 200 евра според тековниот курс), што е за 26% помалку од 2015 година, кога родителите трошеа просечно околу 20 илјади рубли (околу 275 евра според тековниот курс). Ова се резултатите од анкетата што ја спроведе Серускиот центар за проучување на јавното мислење (ВЦИОМ), пренесува РИА „Новости“.

Социолозите истакнуваат дека намалување на расходите има по сите ставки. На пример, за облека и обувки за училиште родителите во 2016 година морале да потрошат 5,9 илјади рубли (околу 80 евра), додека една година претходно за истата намена морале да потрошат 7,2 илјади (околу 100 евра).

За набавка на училишна чанта родителите потрошиле 2,2 илјади рубли (околу 30 евра), додека 2 илјади рубли (околу 25 евра) морале да дадат за училишен прибор.

Најголемо штедење е забележано при купувањето учебници и работни тетратки: минатата година потрошиле 3 илјади рубли (над 40 евра), додека годинава потрошиле 1,9 илјади рубли (нешто повеќе од 25 евра). Се забележува и значително намалување на сумата за доброволни прилози – од 1,6 илјади (22 евра) на 716 рубли (околу 10 евра).

За училишни потреби, како обезбедување и техничко опремување на одделенијата, годинава родителите ќе потрошат 1,2 илјади рубли (повеќе од 15 евра), а за цвеќе и подароци на наставниот кадар – 920 рубли  (околу 13 евра).

„Од една страна, намалувањето на трошоците за подготовка на децата за училиште го одразува процесот на нормализација на ситуацијата на пазарот на побарувачка. Овој процес се изразува преку намалувањето на темпото на инфлацијата, а во август годинава доведе и до краткорочна дефлација. Од друга страна, не смеат да се занемарат и планираните напори на државата за покачување на степенот на материјално-техничко обезбедување на училиштата. Во нашето истражување тоа е изразено преку намалувањето на расходите за учебни помагала, и што е особено значајно – за „дополнителните давачки“ за училиштето“, истакнува експертот на ВЦИОМ Олег Чернозуб.

Истражувањето беше спроведено на 27-28 август во 130 населени места во 46 региони на Русија. Во него учествуваа 1600 лица. Статистичката грешка со веројатност од 95% не надминува 3,5%.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња