Како да ги научите децата да водат сметка за парите?

Shutter Stock/Legion Media
Во поголемиот дел руски семејства не постои обичај буџетот да се планира заедно со децата, ниту, пак, со нив да се разговара за прашања поврзани со парите. Оваа навика доведува до тоа поголемиот дел од возрасните и од тинејџерите да се финансиски неписмени. Експертите осмислија неколку едноставни правила кои на новите генерации ќе им помогнат да ги избегнат старите проблеми.

Министерството за финансии на Руската Федерација во 2016 година ќе ја претстави националната стратегија за унапредување на финансиската писменост на населението. Националната агенција за финансиски истражувања (НАФИ) спроведе истражување на финансиската писменост на населението во Русија, според кое се гледа дека е таа на прилично ниско ниво. Задолжувањето е многу почеста појава од штедењето. Луѓето имаат многу малку информации за финансиските услуги. Згора на тоа, во Русија не постои ниту една програма за финансиско образование. Министерството за финансии на Руската Федерација од 2011 година во соработка со Светската банка го реализира проектот „Поддршка за унапредување на нивото на финансиска писменост на населението“. Во рамките на овој проект досега се изработени прирачници за учениците и за нивните родители.

Додека овие учебници не станат дел од училишната програма, експертите формулираа неколку едноставни правила што ќе им помогнат на родителите во финансиското воспитување на децата, а кои ќе влијаат и на родителите да се дисциплинираат во овој поглед. За тоа како можете да ги научите децата да водат сметка за парите за „Руска реч“ зборува Ирина Лобанова, раководител на Одделот за истражување на банкарскиот сектор при НАФИ.

Џепарлак

Децата треба да имаат и свои пари што редовно ќе ги добиваат.

Треба да се потрудите на вашето дете да му давате барем малку пари. На пример, доколку не постои друга можност, по купувањето на детето треба да му го оставите кусурот откако ќе испазари. Но, најдобро би било тоа да биде мала сума пари што ќе ја добива редовно.

Треба да се заработува

Со детето треба да се работи на систем за мотивација: да му се објасни за која работа ќе добива пари и под кои услови ќе ги добива. Најважно е парите да не се даваат и да не се одземаат без никаков ред, туку сè треба да биде договорено според определени правила со цел детето да биде подготвено за живот како возрасна личност и за да може да сфати дека ќе добива пари за нешто, но дека и за некои други работи може да ги изгуби. Така ќе може да прави и свои „финансиски“ планови.

Количество пари

Џепарлакот не треба да ги покрива сите потреби на детето. Тоа треба да биде мотивирано и нешто да заработи. На пример, може да се понуди можност да заработи пари со тоа што ќе направи нешто за семејството. Подот и правта, да кажеме, може да ги брише за определена сума пари, но за миењето на автомобилот може да добие и мала „напојница“.

Планирање

Во следната фаза детето треба да научи да планира. Треба да има нотес во кој ќе ги запишува сите финансиски трансакции. Најдобро е да му објасните дека така прават сите возрасни и дека би било добро и тоа да го прави истото. Мошне е важно на детето да не му се врши притисок и да не се бара од него парите да ги троши според ваша желба. Детето треба да сфати дека овие процеси ги контролира самото тоа, а не неговите родители.

Младите ги заобиколуваат обичаите
„Во нашата култура е непристојно во семејството да се разговара за буџетот, за трошоците и за изворите на примањата. Поголемиот дел возрасни во Русија имаат проблем со финансиската писменост. Руските семејства не го планираат дури ни годишниот буџет, а финансиски проценки се прават само за неколку месеци. Во најдобар случај трошоците се планираат до летниот одмор. Рекламите на банките, пак, ги поттикнуваат на неодговорен однос кон парите“, објаснува директорката на Центарот за применети економски истражувања при универзитетот „Висока школа за економија“, Татјана Абакина. „Но, и покрај тоа, истражувањата покажуваат дека и студентите почнуваат да заработуваат пари, а исклучок не се ниту учениците“.

Разговори за пари

Со детето треба да се разговара за прашањата поврзани со парите. Пари на детето можете да му давате од неговата четврта година. Добро е на оваа возраст веќе да држи пари во рацете и да создаде некаква претстава за нив.

Семеен буџет

Од десеттата година детето треба постепено да се вклучува во планирањето на семејниот буџет. Треба да му се покаже какви приходи и какви расходи има семејството и да му се понуди заедно со вас да го пресмета буџетот, а во исто време да му се објасни зошто не добива повеќе пари. На детето треба да му се покаже што се случува кога ќе измоли играчка што не е во планот. Треба да му се покаже дека за некоја работа треба најпрво да се заштеди.

Работа на грешките

Доколку детето постојано штеди и доколку ги планира финансиските цели, тогаш можеме да знаеме дека тоа нешто научило. На пример, доколку сака да купи нов скап таблет и доколку видиме дека во текот на неколку месеци детето штедело, а претходно веќе успеало да постигне неколку вакви цели, можеме да заклучиме дека кај него започнува да се формира навика. Но, дури и во тој случај не треба да заборавиме на неговите финансиски грижи. Еднаш во неколку месеци со детето треба да се разговара за паричната состојба. Доколку нешто не му тргнува од рака, треба да се види какви грешки прави. Може да се смета дека ситуацијата е успешна кога детето не само што успешно управува со своите пари туку и почнува да сфаќа дека може да придонесе за своето семејство.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња