Анкара нема да може да манипулира со претседателот на Русија Владимир Путин, изјави исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Турција го обвинува за организирање на обидот за државен удар.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали зближување на Турција со Русија и со Иран може да се толкува како притисок врз Западот или да се гледа како нов курс на надворешната политика на Турција, Ѓулен рече: „Турските власти се затрупани со сопствените проблеми и не знаат како да ги решат“.
„Претходно ѝ се противеа на Русија, истапуваа против неа, но кога почнаа да тонат во своите проблеми, очајнички се обидуваа да ја привлечат Москва на своја страна“, рече Ѓулен, пренесува „Взгљад“. „Не треба да се отпишат ни постојните заеднички интереси меѓу земјите кои се поврзани со гас и нафта. Во свое време во Русија беа инвестирани огромни средства, а тие (Турците) сега се обидуваат да си ги вратат парите, а Анкара, исто така, се обидува да ги осигура своите односи со земјите од Централна Азија“.
„Лично мислам дека комуникацијата со Русија е поврзана со тоа што Турција се најде во ќорсокак од кој не може да излезе“, вели опозицискиот политичар. „Убеден сум дека претседателот Путин е многу паметен човек, без оглед на тоа каков однос имаат луѓе спрема него... Мислам дека тој од турските власти ќе го земе она што му треба, а потоа ќе ги напушти. И Турција во иднина ќе продолжи да се соочува со проблеми во воспоставувањето на сериозни односи со Москва“.
Според мислењето на Ѓулен, истата ситуација е и со Израел.
„Речиси вчера Турција го обвинуваше Израел за масовни убиства, а денес го нарекува пријателска држава. Истото е и со Русија: турските власти првин ѝ се закануваат на Москва (во периодот кога беше соборен рускиот бомбардер), а сега се обидуваат да се зближат со Русија“, истакнува Ѓулен. „Но, Путин е, ќе повторам уште еднаш, многу мудар раководител, тој не е некој кого лесно можеш да го измамиш, или некој со кого може да се манипулира“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче