Чавушоглу: Без Русија не може да се регулира ситуацијата во Сирија

„Русија е за Турција пријател во регионот и Русија не би можела да најде посигурен партнер од Турција“, изјави министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Москва не би можела да најде посигурен партнер од Анкара. Страните отворено ги разгледуваат постојните несогласувања и актуелните прашања, изјави шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу.

„Русија е за Турција пријател во регионот и Русија не би можела да најде посигурен партнер од Турција“, изјави Чавушоглу во интервјуто за турското издание на „Спутник“.

Според неговите зборови, Анкара и Москва се „подготвени отворено и без предрасуди да ги разгледаат сите прашања, вклучувајќи ги и оние за кои не се согласуваат“. „Во иднина можеме да имаме несогласувања во мислењето, но нашата главна цел е да ја подигнеме билатералната соработка на повисоко ниво“, истакна Чавушоглу.

„Отсекогаш сме ја сметале и ја сметаме Русија не само за свој сосед, туку и за важен партнер. Поради таа причина продолжуваме да ѝ одиме во пресрет на Русија, во текот на овој период големо значење му придававме на одмерениот, воздржан тон во нашите односи со Русија. Не воведовме никакви санкциски мерки против Русија и останавме верни на своето претходно ветување дека нема да им се приклучиме на рестриктивните мерки против Русија. Така што останавме единствената земја во НАТО која не ги поддржа тие санкции. Русија и рускиот народ имаа можност да се уверат во тоа“, изјави Чавушоглу, пренесува РИА „Новости”.

Тој додаде дека без учество на Русија е невозможно да се постигне стабилно регулирање на ситуацијата во Сирија.

„Треба да воспоставиме блиска заемна соработка за ова прашање. Веруваме дека сирискиот проблем може да се реши ако сите страни искрено ги здружат своите напори. Претходно повеќепати кажавме, дури и повторувавме во периодот на кризата во односите, дека без Русија не може да се постигне стабилно регулирање на ситуацијата во Сирија“, изјави Чавушоглу.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња