Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган во текот на својата посета на Русија има намера да ги зацврсти позитивните придвижувања во односите со Москва – во сегашните услови тие се покажаа како витално важни за Анкара, пишува „Вол Стрит Џурнал“.
Пред сѐ, Ердоган го вознемирува влошувањето на економската ситуација во земјата кое настана поради кризата во сферата на туризмот и загубата на странските инвеститори. Турските функционери се надеваат дека во текот на претстојната посета претседателите ќе дискутираат не само за геополитичката ситуација, туку и за прашања од сферата на бизнисот и трговско-економските врски, се вели во статијата.
Затоплувањето на односите меѓу Анкара и Москва му оди во прилог на Ердоган во услови на зголемени тензии со САД и Европската Унија, истакнува весникот. Западот реагираше негативно на острите мерки против осомничените за обидот за државен удар.
Посетата на турскиот претседател на Москва покажува дека Анкара не е задоволна од реакцијата на западните земји и недостатокот на поддршка, пишува весникот.
„Турција навистина може да тргне по антизападен пат, стремејќи се да ја забрза нормализацијата на односите со Русија и, во крајна линија, да постигне зближување со неа“, смета претседателот на истанбулскиот аналитички центар за надворешна политика „Едам“ Синан Улген.
Разговорите меѓу двајцата лидери ќе се одржат на 9 август во Санкт Петербург, пишува РИА „Новости“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче