Руски физичари направија пробив во работата над термонуклеарен реактор

Научниците од Институтот за нуклеарна физика (ИНФ) добија постојана загреаност на плазма на температура од десет милиони Целзиусови степени, изјави за новинарите заменик-директорот за истражување на институтот Александар Иванов.

„Ги потврдивме резултатите од последните години за загревање на плазма до температура од десет милиони степени, тоа е многу важен момент за перспективите на нашата работа. Во моментов многу сериозно почнавме да ги разгледаме варијантите за создавање за термонуклеарен систем базиран на отворена стапица“, изјави Иванов, пренесува РИА „Новости“.

Иванов истакна дека стручњаците на институтот работат на проект за термонуклеарен реактор базиран на отворена стапица кој може да биде создаден во следните 20 години и треба да стане алтернатива на меѓународниот термонуклеарен експериментален реактор. Научниците претпоставуваат дека со идните експерименти температурата на плазмата значително ќе порасне, при што минималниот показател потребен за создавање термонуклеарен реактор е веќе надминат.

Исто така научниците разработија перспективен метод на генерирање плазма со помош на силно микробраново зрачење во магнетна стапица од отворен тип од големи размери, што им овозможило успешно да спроведат експерименти за подобрување на задржување на плазмата со „термонуклеарни“ параметри.

„Сега ќе можеме да добиваме плазма во почисти, поконтролирани услови“, истакна Иванов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња