Русија неколку часа пред воениот удар во Турција го предупредила претседателот Реџеп Таип Ердоган за пучот што се подготвува, пренесува иранската информативна агенција „Фарс“ повикувајќи се на арапски медиуми кои, од своја страна, дознале за тоа од дипломатски извори во Анкара.
Како што се соопштува, разузнавачките податоци биле добиени од дел од руските вооружени сили стационирани во регионот и кои успеале да ја пресретнат комуникацијата на турската армија, вклучително и шифрираната. При нивната анализа било утврдено дека војската подготвува соборување на владата.
На пример, во радио-комуникацијата се зборувало за тоа дека кон хотелот во одморалиштето Мармарис, каде одморал Ердоган, требало да бидат упатени неколку армиски хеликоптери за да го уапсат или убијат. На крај, сепак, хеликоптерите задоцниле, затоа што турскиот лидер веќе бил евакуиран.
Нема потврдени податоци за тоа дека руската војска ја пресретнала комуникацијата на турската армија, но изворите истакнуваат дека Русија има распоредено разузнавачка единица на северот во соседна Сирија, во базата „Хмејмим“. Како што се соопштува, таму се наоѓаат современи системи за пресретнување на радио-комуникација кои собираат информации во интерес на единиците кои се борат со тероризмот на сириска територија.
Дипломатските извори потсетиле за напредокот во надворешната политика на Ердоган, кога тој по неколку месеци заладени односи со Русија, се извини за соборувањето на рускиот Су-24 во Сирија. Токму тоа, според нивно тврдење, послужило како „главна причина за низа странски држави да ја испровоцираат армијата да изврши воен удар и ѝ ветиле поддршка – и токму овој напредок го спасил Ердоган“.
Турските власти сѐ уште немаат дадено коментар во врска со овие тврдења. Претходно официјални лица, вклучително и во безбедносните структури, потврдија дека генералите на армијата биле претходно информирани за превратот што се подготвувал. Се потенцираше дека пучот бил спречен благодарение на информациите за заговорот кои ги добило националното разузнавање неколку часа пред почетокот на превратот.
При обидот за државен удар, според последните податоци, загинаа 208 лица, 1491 беа ранети. Бројот на уапсени, осомничени за учество во обидот за преврат, надминува 7,5 илјади луѓе, од кои повеќе од 100 се офицери со високи чинови во турската армија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче