Медведев го отвори новиот московски аеродром

Рускиот премиер Дмитриј Медведев во понеделникот го отвори четвртиот меѓународен аеродром на московскиот воздухопловен јазол „Жуковски“.

На церемонијата на отворањето генералниот директор на „Рампорт Аеро“ (инвеститорот и операторот на аеродромот „Жуковски“) Томас Вајшвила потпиша договори за превоз со четири авиокомпании: киргистанската „Ер Киргистан“, казахстанската СКАТ, „Скај Гејтс Ерлајнс“ и „Авиастар-ТУ“, пишува „Взгљад“.

Површината на патничкиот терминал на аеродромот изнесува 17,6 илјади квадратни метри. Инвестициите во првата фаза на проектот изнесуваат 1,8 милијарди рубли. Во март минатата година се реализираа испитувањата на сите аеродромски системи.

„Настанот е важен и за Москва, и за нашата земја. Колку повеќе вакви услуги им се нудат на нашите граѓани, странските државјани по пристапни цени, со користење на различни тарифи, толку подобро луѓето ќе се чувствуваат себеси“, изјави Медведев.

Програмата за развој на аеродромот се состои од три фази и почна во 2014 година. Во првата фаза беше изграден патничкиот терминал со капацитет од 4 милиони патници годишно. Исто така, во првата фаза беше предвидено и проширување на патот кон аеродромот во четири ленти и изградба на паркинзи.

Втората и третата фаза вклучуваат проширување на првиот патнички терминал и изградба на втор. Како резултат вкупната површина на терминалот треба да изнесува 60 илјади квадратни метри, а капацитет да се зголеми на 12 милиони патници годишно.

За пет години во развојот на аеродромот ќе бидат инвестирани над 10 милијарди рубли.

Аеродромот „Жуковски“ е најоддалечениот од московските аеродроми. Патувањето до аеродромот ќе трае најмалку еден час.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња