Фотографија: Максим Блинов / РИА Новости
Во Московскиот регион во 2017 година треба да се појави вториот нискотарифен аеродром. Станува збор за тоа воениот аеродром Ермолино да се претвори во цивилен аеродром. Проектот се проценува на 12 милијарди рубли. Опслужувањето на авионите во Ермолино ќе биде за 30% пониско, што, пак, ќе влијае на цената на билетите. Претставниците на управувачката компанија изјавуваат дека аеродромот ќе биде безбеден, но нема да биде удобен.
Аеродромот Ермолино е сместен во Калужската област на 72 километри од Москва, а до крајот на 2012 година тука беше лоциран полкот за посебни задачи на внатрешната војска на Министерството за внатрешни работи и на авијацијата на Воено-воздушните сили на Руската Федерација. Концептот за развој на надземната инфраструктура е веќе готов. Согласно документот, општиот обем на инвестиции за проектот изнесува 11.3 милијарди рубли. Воениот ресор е подготвен за реконструкција на аеродромот да издвои од сопствениот буџет 6 милијарди рубли (од кои една милијарда е веќе префрлена). На аеродромот планира да се базира авиокомпанијата „ЈуТер“. Таа има план тука да стационира не помалку од 20-30 авиони Airbus-321 и Boeing-737. Во 2017 година протокот на патници на аеродромот треба да изнесува 7.5 милиони патници годишно.
Конкурсот за избор на инвеститори е планирано да биде објавен во текот на месецов, кога и ќе биде определена шемата за финансирање. Засега е решено само дека тоа ќе биде концесија. Аеродромот ќе остане во сопственост на регионот, ни објасни генералниот директор на Управувачката компанија „Меѓународен аеродром Ермолино“, Салават Кутушев. Компанијата веќе имаше преговори со низа странски лоукостери, меѓу кои EasyJet и Ryanair, и „постои интерес, уште повеќе што трошоците за аеродромски услуги ќе бидат 25% пониски, за разлика од оние што ги нудат московските аеродроми“.
Во 2022-2023 година планирано е Ермолино да ги оправда трошоците. Повеќе од половината од добивката треба да ја обезбедат сопствениците на рестораните и продавачите на мало. „Ќе се обидеме да го примениме моделот на европските колеги. Ако руските аеродроми сега добиваат од неавијатичката дејност околу 20% од добивката, европските показатели достигнуваат 60%“, вели господин Кутушев.
Сега се одвиваат работи и над уште еден проект за друг нискотарифен аеродром, кој би се појавил на местото на воениот аеродром Раменское.
Инвеститорот на последниов проект не гледа конкуренција во Ермолино. Овие два аеродроми имаат сосема различни потенцијали, изјави првиот заменик на генералниот директор на Avia Solutions Group за инфраструктура Томас Вајшвила. На територијата на Раменское постојат две пости (со должина од 3 и од 5.4 километри), во Ермолино има само една трикилометарска. Затоа способноста за проток на Раменское ќе биде не помалку од 10 милиони патници годишно, додека на Ермолино ќе достигне бројка од одвај 6 милиони лица. И покрај постоењето на брза железница до Ермолино патот до аеродромот сепак ќе одземе час и половина, а до Раменское може да се дојде за 40 минути, вели Томас Вајшвила.
Во Министерството за транспорт велат дека „прашањето за четвртиот аеродром е прашање на конкуренција меѓу инвеститорите и преференциите на авиокомпаниите“. Но, двата проекта многу зависат од транспортната достапност, а засега до нив нема железница. Во Русија нема ниту еден лоукостер, и развојот на два нискотарифни аеродроми одеднаш изненадува“, смета независниот експерт Андреј Крамаренко.
Врз основа на материјалите од РБК-Дејли и Комерсант.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче