„Комерсант“:Падот на Палмира би бил големо понижување за Москва пред светот

Авторот на текстот објавен на порталот на рускиот магазин „Комерсант“ размислува за последиците по Русија ако терористите повторно влезат во Палмира.

Палмира е посебна по тоа што е многу лесна за освојување, но и многу тешка да се одбрани, се присетува авторот на статијата Максим Јусин  на зборовите на соговорникот, експерт за Сирија. Во мај минатата година „Исламската држава“ без мака ја зазеде Палмира (и нејзиниот современ дел, градот Тадмор). По девет месеци војската на Башар Асад со помош на Вооружените сили на Русија ги протера терористите од Палмира.

Многумина го доживеаја тоа како најефикасна, симболична победа на цивилизираниот свет над џихадистите, потсетува авторот. Концертот на симфонискиот оркестар на Мариинскиот театар во амфитеатарот, каде не толку одамна исламистите им ги отсекуваа главите на заробениците, имаше за задача да ја истакне токму таа победа.

Меѓутоа, само неколку дена подоцна ситуацијата на фронтот се смени и терористи се сѐ поблизу до градот, му приоѓаат од сите страни. Зошто е Палмира толку посебна, се прашува Максим Јусин.

Тоа е фактички оаза среде пустината која многу лесно може да се остави без комуникација, а за да се одбрани, потребни се големи сили. Такви сили Башар Асад сега нема. И нема да може да ја одбрани. Како што стојат работите, Палмира повторно, како пред година дена, ќе биде оставена на милост и немилост на терористите, смета Јусин.

А за Москва тоа ќе биде вистинска катастрофа. И не од воено гледиште, зашто судбината на сирискиот конфликт не се решава во Палмира. Но од гледна точка на политиката, психологијата, пропагандата тоа е пораз на Русија.

„Бидејќи по концертот во Палмира тоа повеќе не е туѓ град. Тоа не е туѓа војна. Премногу е вложен во Палмира, премногу е поврзано со неа. И авијацијата која помогна да се освои, и специјалните единици кои ѝ помагаа на сириската војска, и рускиот офицер Александар Прохоренко, кој го жртвуваше својот живот за Палмира.“

Дали е добро или лошо тоа што антички град се поврзува со Русија, тоа е друго прашање. На тоа ќе одговори единствено времето, смета Јусин. Како и да е, нема враќање. По концертот на Мариинскиот театар Палмира на некој начин стана руски град. И ако Москва не спречи тој повторно да падне во рацете на терористите, ако се вратат џихадистите со црните знамиња повторно да сечат глави пред камерите, и во арапскиот и во целиот свет тоа ќе биде пораз на Русија, нејзино понижување.

„Мислам дека тоа го разбираат во Кремљ, во Министерството за одбрана. Одбраната на Палмира сега е главната задача на Москва“, заклучува Јусин. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња