Путин го потпиша законот за „далечноисточниот хектар“

Претседателот на Русија Владимир Путин го потпиша законот со кој на државјаните на Русија им се дава право да користат по еден хектар државно земјиште во Далечноисточниот федерален округ

Соодветниот документ е објавен на официјалниот сајт за правни информации на Владата на Русија во понеделникот.

Државјаните на Русија на тој начин стекнуваат право бесплатно да користат еден хектар земја на Далечниот Исток: во Јакутија, во Камчатскиот, Приморскиот, Хабаровскиот крај, во Амурската, Магаданската, Сахалинската област, како и во Еврејската автономна област и Чукотскиот автономен округ. Земјата на која трети лица немаат право се нуди на користење на пет години.

Ако корисникот на таа земја се покаже успешен, ќе му биде дозволено по пет години истата да ја изнајми или откупи. Ако земјата не се користи, ќе биде одземена. Корисникот може да се занимава со секаков вид легална дејност, а ќе биде должен по година дена да ги извести овластените органи која дејност ја одбрал и по три години да поднесе изјава за користење.

Првата фаза од „далечноисточните хектари“ ќе почне на 1 јуни 2016 година. До 1 февруари 2017 земја ќе добиваат само оние државјани на Русија кои се регистрирани на територијата на соодветниот субјект на РФ, а по тој датум и сите останати државјани, независно од пријавеното место на живеење.

Државното земјиште на Далечниот Исток опфаќа 614 милиони хектари земја погодна за земјоделие, лов, шумарство и претприемништво.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња