Земјоделските претпријатија со зголемена вредност

Многу руски земјоделски претпријатија најавуваат подготвеност со сопствено производство да ја надополнат стоката за која е воведено ембарго. Извор: Ројтерс.

Многу руски земјоделски претпријатија најавуваат подготвеност со сопствено производство да ја надополнат стоката за која е воведено ембарго. Извор: Ројтерс.

Забраната за увоз на прехранбени производи во Русија од земјите кои воведоа санкции ги поттикна инвеститорите да обрнат внимание на руските агроиндустриски компании. Акциите на овие компании во рок од една недела се зголемија за 30-40% Според експертите, засега станува збор за шпекулативен пораст, но овие производители во следниве години би можеле и да привлечат странски инвестиции.

Сериозен пораст

Само еден ден по објавувањето на забраната за увоз на прехранбени производи акциите на агроиндустриските компании забележаа експлозивен пораст. Агрохолдингот „Разгуљај“ поскапи за 30%, гигантот во производството на житарки „Русгрејн“ за 36%, производителот на риба „Руское море“ за 19%, а групацијата специјализирана за преработка на месо „Черкизово“ за 7%, вели началникот на аналитичкото одделение на ОАД „ИК Рус-Инвест“ Дмитриј Беденков. „веќе сега многу руски земјоделски претпријатија најавуваат подготвеност со сопствено производство на пазарот да ја надоместат стоката за која е воведено ембарго“, го објаснува порастот на вредноста директорот за продажба во земјите на Заедницата на независни држави (ЗНД) „Dukascopy Bank SA“ Павел Симоненко. Според него, само холдингот „Разгуљај“ може да го зголеми прометот во 2015 година за 120% - на 60 милијарди рубли (1.6 милијарди американски долари). „За стратешките инвеститори купувањето акции на агрохолдинг би биле повеќе од добро вложување на средствата – годишниот поврат на ваквите влогови би можел да порасне до 55-60% во ток од 2-3 години“, вели експертот. 

Најголемиот производител и увозник на риба во Русија, групацијата „Руское море“, има намера да го зголеми како производството, така и увозот од нови региони: Азија, Турција и Латинска Америка, изјавија од нивата прес-служба за „Руска реч на македонски“. Без оглед на забраната за увоз на производи од риба од Норвешка, групацијата продолжува со испорака на изладен и замрзнат лосос на сметка на сопственото производство во Мурманск (крајниот северозапад на Русија), како и риба од Чиле. Вториот по големина производител на риба „ГлавТоргПродукт“ реши да го зголеми обемот на инвестиции во одгледување риби од семејствата есетра и пастрмка. Згора на тоа „ГлавТоргПродукт“ планира до крајот на 2014 година во Виборг (во околината на Санкт Петербург, 850 километри од Москва) да отвори нова фабрика за преработка на риба. 

Конзервативно сценарио 

Русија се бори со инфлација
Во Русија ќе биде создаден нов систем на мониторинг на цените на производите, кои е забрането да се увезуваат во земјата од државите кои ги одобрија антируските санкции. На тој начин федералните власти планираат да го спречат можниот пораст на цените на прехранбените производи. Сепак експертите очекуваат дека инфлацијата до крајот на годинава ќе порасне на 7.5%.

Аналитичарите и понатаму очекуваат пораст на вредноста на руските агроиндустриски холдинзи, иако не толку нагло. „Во зависност од насоката на движење на јавната дискусија во врска со новите санкции, акциите на рускиот агроиндустриски комплекс би можеле уште малку да пораснат, но првиот психолошки импулс фактички веќе помина. Реалните економски последици ќе зависат од брзината на пронаоѓање на замена за испорачателите опфатени со санкциите“, истакнува главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев. Всушност, според него, оваа година веројатно ќе заврши позитивно за многу руски производители на прехранбени производи, но сè уште е рано да се каже дали таа позитивна тенденција ќе продолжи и следната година. 

„Поголемиот дел компании во овој сектор, ако се изземат санкциите и можните позитивни последици, не делуваат особено добро“, вели Иљја Балакирев. Според него, за странските инвеститори најверојатно ќе бидат поинтересни директните инвестиции во руското земјоделство. „Сепак, тоа ќе биде актуелно тогаш кога ќе стане јасно дека санкциите се сериозни и долготрајни. Аграрниот бизнис не е особено брз, па во него не се инвестира врз основа на моменталното пазарно расположение“, вели експертот. 

Според него, ситуацијата би можела да стане појасно доколку паралелно се усвојат и долго очекуваните мерки за поддршка на земјоделството – тоа би можел да биде долгорочен придвижувач за котирање, па дури и повод за појавување на низа нови имиња на пазарот. Премиерот на Русија Дмитриј Медведев на 12 август нареди Владата да го зголеми финансирањето на државната програма за развој на агроиндустрискиот комплекс поради „прехранбените“ санкции. Според Медведев, всушност станува збор за нова државна програма за развој на земјоделството.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња