Лавров: Епохата на еднополарниот свет незапирливо заминува во минатото

„Желбата на одделни држави да го резервираат за себе таканареченото „право на ексклузивност“ во меѓународните прашања, вклучувајќи го правото на мешање во внатрешниот живот на други земји придонесува за деградација на меѓународните односи и пораст на затегнатоста“, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Пекинг.

Ситуацијата во светот станува сѐ посложена, а „предизвиците за безбедноста и стабилноста повеќедимензионални и сѐ подараматични“, изјави министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров во Пекинг на средбата со своите колеги од земјите-учеснички на Конференцијата за соработка и мерки на доверба во Азија.

Во меѓудржавните односи се „натрупаа“ голем број противречности, изјави рускиот министер. „Епохата на еднополарниот свет, како и соништата за неа, незапирливо заминуваат во минатото. Воспоставувањето нова рамнотежа на силите се одвива во услови на заострена конкуренција (за жал, се работи за нечесна и агресивна конкуренција), спротивставени вредности, појава на нови жаришта на судири, продлабочување на поделбите. Сето тоа води кон нестабилност на глобалните процеси на сите нивоа“, смета шефот на руската дипломатија, пренесува „Комерсант”.

„Желбата на одделни држави да го резервираат за себе таканареченото „право на ексклузивност“ во меѓународните прашања, вклучувајќи го правото на мешање во внатрешниот живот со кршење на нормите на меѓународното право и наметнување на други народи сопствени рецепти за внатрешнодржавни трансформации без земање предвид на нивната традиција и националната специфичност – сето тоа придонесува за деградација на меѓународните односи и пораст на затегнатоста“, изјави Лавров.

Министерот наведе конкретни примери: ја спомена украинската криза како „трагичен пример за кратковидоста на политиката на приврзаниците на геополитичкиот инженеринг”, додека ситуацијата на Блискиот исток ја опиша како „уште еден убедлив доказ за погубноста на извозот на демократија“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња