Светот го чита романот „Војна и мир“ онлајн

Едно од местата на кои се чита романот е меморијалниот дом „Јасна Полјана“ каде живеел писателот.

Повеќе од илјада луѓе од разни градови и земји за четири дена ќе го прочитаат романот на Лав Николаевич Толстој „Војна и мир“. Книжевниот маратон започна на 8 декември и завршува денеска, 11 декември, соопшти за ТАСС прес-службата на меморијалниот дом „Јасна Полјана“.

„Романот се чита во театри, музеи, историски зданија, од кои еден дел се поврзани со дејствието во романот (музејот „Бородинска битка“, Државниот историски музеј, Ермитаж, Московскиот музички театар „Хеликон-опера“, Големиот драмски театар „Г. А. Товстоногов и други)“, се вели во соопштението.

Едно од местата каде што се чита романот е и меморијалниот дом на Лав Толстој „Јасна Полјана“ во Тулската област. На 8 и 9 декември гледачите од целиот свет ги видоа оригиналниот ентериер на домот на писателот и неговото биро на кое биле создадени многу поглавја од „Војна и мир“.

„Преносот во живо од читањето може да се следи на каналот „Русија К“ (Россия К), радиото „Мајак“ (Маяк), како и на сајтот на проектот voinaimir.com или войнаимир.рф“, се вели во соопштението.  

Книжевниот маратон „Војна и мир. Го читаме романот“ е реализиран со поддршка од Федералната агенција за печат и масовна комуникација и е една од најмасовните активности во Годината на литературата во Русија.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња