Сцена од филмот „Војна и мир„
РИА Новости1. Обемот на романот изнесува 1.300 страници обичен книжен формат. Ова не е најголем роман во светската литература, но е еден од најголемите, кој влегува во канонот на европската литература од 19 век. На почетокот, во првите две публикации, тој не бил поделен на четири, ами на шест дела. Дури во 1873 година, кога романот по третпат бил подготвуван за печатење, авторот го прераспределил текстот и му доделил точно половина од тогашните 8 тома собрани дела.
2. На почетокот Толстојнемал намера да пишува за Наполеоновите војни, туку за еден стар декабрист (така се нарекуваат дворјаните кои сакале да извршат државен преврат и да го соборат царот на 14 декември 1825 година), кому по триесет години му дозволиле да се врати од прогонство во Сибир. Но, наскоро сфатил дека нема да може да ги открие мотивите за учеството на херојот во востанието доколку не го опише неговото младешко учество во Наполеоновите војни. Освен тоа, тој не можел, а да не го земе предвид фактот дека со опишувањето на државниот преврат може да се судри со проблемите на цензурата. Така, замислата за „повест за декабристот“ се трансформираше во роман-епопеја.
3. По настојчиво барање на сопругата Софија Андреевна, а поради страв од цензура, писателот го отстранил прилично отворениот опис на првата брачна ноќ на главниот херој од романот Пјер Безухов и неговата прва жена Елен. Софија Андреевна успеала да го убеди својот сопруг дека црковната цензура нема да го дозволи тоа.
4. Со Елен Безухова, која очигледно за Толстој е носител на „темниот сексуален почеток“, поврзан е и самиот скандалозен пресврт во сижето. Елен, жена во цутот на својата младост, по кратко боледување умира токму во 1812 година, одврзувајќи му ги рацете на Пјер за женидба со Наташа Ростова. Учениците во Русија, кои овој роман го читаат на 15 години, ја прифаќаат оваа неочекувана смрт како условност, која е неопходна за развој на сижето. И само оние што како возрасни му се враќаат на романот и го читаат, сфаќаат дека Толстој алудира на тоа дека Елен умира како последица од неуспешен абортус.
5. Опишувајќи ги семејствата Ростови и Болконски, Толстој мошне блиску ги опишал своите сопствени предци, кои припаѓале на старите руски кнежевски родови.
Така, Николај Ростов во голема мера е всушност таткото на Лев, Николај Толстој, херој на Татковинската војна од 1812 година и потполковник на Павлоградскиот полк (под ова име и фигурира овој полк во романот), а Марија Болконскаја е, всушност, неговата мајка Марија Николаевна, родена како кнегиња Волконскаја. Мошне блиску се опишани и настаните поврзани за нивната свадба, а Лисие Гори се мошне слични на Јаснаја Пољана на Толстој.
Впрочем, по излегувањето на романот за ова можеле да се досетат само блиските луѓе на Толстој. Тогаш немало Википедија, а Толстој велел дека презимињата на главните ликови – Болконски, Друбецкој, Курагин – се слични на вистинските руски аристократски презимиња – Волконски, Трубецкој, Куракин – само затоа што нему му било така позгодно да ги впише своите ликови во историскиот контекст и да им „дозволи“ да разговараат со вистински историски лица, кои фигурираат во романот, од генерал-губернаторот на Москва Фјодор Ростопчин до Наполеон и императорот Александар Први.
6. За време на работата над романот сопругата на Лев Толстој, Софија Берс, го препишувала текстот од почеток до крај најмалку осум пати, а одделни епизоди ги препишувала и до 26 пати. Романот бил пишуван пет години, од 1863 до 1869 година.
Една година пред почетокот на работата, 34-годишниот Лев Толстој се оженил, а неговата 18-годишна сопруга Софија делумно ја презела улогата на секретарка. За тоа време таа родила четири деца (првите од вкупно тринаесет).
7. Францускиот јазик во „Војна и мир“ е вистински аристократски француски јазик од 19 век. Ова го потврдува и најголемиот современ француски славист Жорж Нива, кој течно зборува руски. Сепак, тој јазик е поблизок на средината на векот, кога романот се пишувал, а не на почетокот, кога се случува дејствието.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче