Матвиенко: ИД е резултат на мешањето во внатрешните работи на суверените држави

Причина за појавувањето на „Исламската држава“ и масовната миграција на бегалци од Блискиот Исток и Северна Африка во Европа е незаконското мешање на Западот во работите на суверените држави, изјави спикерот на Советот на Федерацијата на РФ Валентина Матвиенко.

„За миграција има многу причини: тоа се и економските фактори, сиромаштијата, невработеноста, вооружените конфликти. Но во најголем дел тоа е резултат од кратковидата политика на низа земји, од нивното нелегално мешање во работите на суверените држави, поддршката на нелегалните вооружени формации за соборување на непожелните режими преку „обоени револуции“, наметнување на таканаречена демократија без да се земат предвид верските, националните и културните особености“, изјави Матвиенко.

Таа потенцираше дека како резултат на тоа се појави „Исламската држава“, која денес претставува сериозна закана за меѓународната заедница и за безбедноста на Русија. Притоа таа ги повика сите заинтересирани држави да се приклучат на информативниот центар за координација на борбата со „Исламската држава“ што го формираа Русија, Иран, Сирија и Иран.

Матвиенко потенцираше дека Москва се залага за формирање широка меѓународна коалиција врз база на ООН за борба со терористите. „Ние чекавме до последен момент, но сфативме дека понатаму не можеме да одолговлекуваме.  Русија ги повикува сите заинтересирани држави на заеднички дејствија“, изјави сенаторот, пренесува „RT“.
 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња