Оливер Стоун: Се надевам дека Путин ќе победи во Сирија

Мислам дека е правилно што Путин почна активно да дејствува во Сирија и се надевам дека ќе победи, изјави американскиот режисер Оливер Стоун.

Американскиот режисер Оливер Стоун, креатор на документарци за политиката на Вашингтон, во интервју за шпанското издание на „Ел Мундо“  изрази надеж дека операцијата на Воздушно-космичките сили на Русија во Сирија ќе биде успешна, пренесува „Взгљад”.

„Мислам дека е правилно што Путин почна активно да дејствува и се надевам дека ќе победи. Тоа ќе ѝ овозможи на сириската војска да се реорганизира и на крај да ѝ се спротивстави на „Исламската Држава“, наведува американскиот режисер.  

Стоун ги обвинува САД за појавата на „Исламската Држава”, изјавувајќи дека таа е резултат на војната во Ирак. Според неговите зборови, Америка го дестабилизирала целиот регион и сега за хаосот ја обвинува ИД, додавајќи дека САД се претвориле во „империја на хаосот“.

Во врска со студената војна, режисерот смета дека таа никогаш не ни завршила. Тој истакнува дека американските претседатели, еден по друг, ја „потценувале“ Русија.

Зборувајќи за Путин, Стоун истакнува дека рускиот претседател „можат да го обвинуваат за многу нешта“, но непобитен факт е дека „тој ја промени земјата и ѝ ја врати гордоста на Русија“, правејќи ја државата за 15 години повторно силна и во состојба да делува како противтежа на САД.

Дестабилизацијата на Украина, според Стоун, потсетува на претходните напори на САД за промена на режимот. Тој истакнува дека во текот на известувањата за овие настани Западот не го зема предвид ставот на Русија. „Путин, според мене, ги одбрани геостратешките интереси на Русија од политиката на инвазија што ја спроведуваат САД и Европа, стремејќи се да го прошират своето влијание на исток“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.