Обама: САД не се стремат кон враќање на студената војна во односите со Русија

Претседателот на САД Барак Обама изјави дека санкциите кои САД решија да ги применат против Русија се поради политиката на Москва спрема Украина, како и дека се подготвени да соработуваат со Русија за решавање на сириското прашање.

САД не сакаат да се врати студената војна во односите со Русија. Со вакво уверување настапи на отворањето на општополитичката дискусија на 70 сесија на Генералното собрание на ООН во Њујорк претседателот на САД Барак Обама, пренесува ТАСС.

Обама изјави дека санкциите кои САД решија да ги применат против Русија се поради политиката на Москва спрема Украина.  

„Америка има малку економски интереси во Украина. Ние ја разбираме длабоката и сложена историја меѓу Русија и Украина. Но ние не можеме да стоиме настрана кога суверенитетот и територијалниот интегритет се нарушуваат на флагрантен начин. Доколку тоа се случи без последици за Украина, тогаш тоа може да ѝ се случи на секоја земја претставена денеска овде. Тоа е основата за санкциите кои САД и нивните партнери ги воведуваат против Русија. Не станува збор за желба за враќање на студената војна“, рече Обама.  

Обама исто така изјави дека САД се подготвени да соработуваат со секоја земја, вклучувајќи ги Русија и Иран, за решавање на конфликтот во Сирија.  

Според неговите зборови, до „долгорочна стабилност“ може да се дојде единствено ако „сирискиот народ дојде до согласност за мирен живот заедно“.

„Соединетите Држави се подготвени да работат со секоја земја, вклучувајќи ги Русија и Иран, за да се реши конфликтот. Но ние треба да признаеме дека после такво крвопролевање не може да има враќање на предвоениот статус-кво“, изјави претседателот на САД. Притоа тој повторно истакна дека условите за настанување на конфликтот беа создадени од самиот претседател на Сирија Башар Асад, кој почна да врши „репресии и убиства како одговор на мирните протести“.  

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.