Медиум: „Турски тек” повторно може да стане „Јужен“

Информативната агенција „Регнум“ објави своја анализа за иднината на „Турски тек“.

Во текот на посетата на претседателот на Русија Владимир Путин на Турција (откако ЕУ не му дозволи на „Гаспром“ изградба на „Јужен тек“ во Европа преку Бугарија) беше соопштено дека Москва ја сменила маршрутата на гасоводот. Така се појави „Турски тек“, а беше најавено и дека првиот крак ќе почне со работа кон крајот на 2016 година, додека останатите три ќе го заменат транзитот на гас преку Украина во Европа, пишува ИА REGNUM.

Подоцна беше соопштено дека преговорите меѓу Турција и Русија за „Турски тек“ се запрени поради отсуство на клучниот договор кој обезбедува попуст на гасот, а потоа Анкара се согласи на изградба на еден крак од четирите. На 19 август турскиот министер за енергетика изјави дека ѝ испратил на Русија нацрт-договор, меѓутоа МНР РФ не ја потврди оваа информација. Потоа беше соопштено дека лидерите на Унгарија, Србија, Македонија и Грција во септември ќе потпишат меморандум за изградба на гасоводот од Турција до Австрија.

Меѓутоа, како што пишува изданието, рускиот претседател во текот на посетата на Крим неочекувано изјави дека „Русија ќе работи со Бугарија, и покрај сите потешкотии во реализацијата на проектот, вклучувајќи го и „Јужен тек“.

Подобрувањето на односите меѓу Москва и Софија се случи на иницијатива на бугарската страна. На почетокот на јули бугарскиот премиер Бојко Борисов рече дека не е случајно што претседателот Путин зборувал многу остро против Бугарија, како и дека имал причини за тоа. „Меѓутоа, ние без вина станавме виновни и немавме никаква желба ниту цел односите меѓу Бугарија и Русија да заладат“, рече тогаш Борисов.  

Изданието наведува дека двете страни го смениле тонот, што на експертите им даде повод да зборуваат за реализација на „Јужен тек“ според претходниот план, со оглед на внатрешнополитичката нестабилност во Турција. Се појавува уште еден важен детаљ: според тврдењата на европските медиуми, Брисел не е официјално известен за затворањето на проектот „Јужен тек“. Освен тоа, Белорусија предложи да се зголеми транзитот на гас преку нејзина територија, доколку постои потреба за тоа во Европа.

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња