САД го поддржаа претседателот на Јемен кој побегна од главниот град на земјата, а таква поддршка не му пружија на поранешниот претседател на Украина Виктор Јанукович, што ги покажува нивните двојни стандарди, изјави министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.
„Мораме да користиме излитено клише: очигледни двојни стандарди, иако, се разбира, не го посакувавме ни она што се случува во Украина, ниту она што се случува во Јемен“, изјави Лавров на прес-конференцијата по посетата на Гватемала, пренесува РИА „Новости“. „Во двата случаи треба да се работи на национално помирување“, изјави министерот.
Тој истакна дека до украинската криза немаше да дојде доколку на 22 февруари минатата година Европа и оние земји кои присуствуваа на потпишувањето на спогодбата меѓу украинската опозиција и Јанукович го употребеа своето влијание и бараа неодложно почитување на договорот што го прекрши опозицијата.
„Во Јемен Америка постапи сосем спротивно“, рече Лавров. Тој исто така апелираше итно да се обнови преговарачкиот процес во Јемен и истакна дека е многу опасно да се игра со судирите меѓу Сунитите и Шиитите.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче