Саакашвили ја нарече Русија „незаситен крокодил“

Западните земји треба да преминат на поцврсти закани на адреса на Русија, изјави во интервју за Ди Цајт (Die Zeit) поранешниот прв човек на Грузија Михаил Саакашвили.

Западните земји треба да преминат на поцврсти закани на адреса на Русија, изјави во интервју за германскиот весник Ди Цајт (Die Zeit) поранешниот прв човек на Грузија Михаил Саакашвили кој во февруари беше назначен за независен советник на претседателот на Украина.

„Уште во 2008 година јас реков дека следна цел на Русија ќе биде Украина, пред сѐ Крим. Кога храниш крокодил, тој голта сѐ повеќе и повеќе“, изјави Саакашвили.

Според зборовите на Саакашвили, на Украина силно ѝ треба воена помош од Западот. Исто така, според него, Западот треба да ѝ демонстрира на Русија дека е подготвен за започнување воени дејствија.  

„Мировните преговори се важни, тие се клучен елемент за воспоставување на мирот, сепак тие треба да бидат поткрепени со цврсти закани“, изјави политичарот.

Претходно, поранешниот претседател на Грузија веќе агресивно се изјасни на адреса на Москва, особено тврдеше дека украинската војска, доколку ја обучат и ѝ дадат оружје, „ќе може и цела Русија да ја освои“.

Претседателот на Украина Петро Порошенко на 14 февруари го потпиша указот за назначување на Саакашвили за свој независен советник, како и указ за неговото назначување за претседател на консултативниот меѓународен совет за реформи при претседателот. Подоцна Државното обвинителство на Грузија се обрати до Државното обвинителство на Украина со барање за екстрадиција на Саакашвили, против кого во татковината се поднесени неколку кривични пријави. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.