Лавров и Кери дискутираа за ситуацијата во Украина

Русија ќе мора да плати голема цена доколку продолжат нападите, изјави Џон Кери по средбата во Минхен со Сергеј Лавров, пренесува INTERFAX.RU.

Русија ќе биде оценувана според нејзините акции и ќе мора да плати голема цена доколку продолжат нападите, изјави државниот секретар на САД Џон Кери на крајот на средбата во Минхен во саботата со неговиот руски колега Сергеј Лавров, пренесува INTERFAX.RU.

„Јас уште еднаш јасно му ставив до знаење на министерот за надворешни работи Лавров дека деескалацијата е во интерес на сите. На Русија ќе ѝ се суди според нејзините акции. Ќе мора да плати голема цена доколку продолжат нападите“, напиша Кери на својот Твитер профил.

Државниот секретар на САД соопшти дека на средбата со Лавров „ја истакнал неопходноста од итна обнова на прекинот на огнот, повлекување на тешкото вооружување и затворање на границата со Украина".

„Лавров акцентираше дека засилувањето на конфронтацијата со цел санкциски притисок врз Русија е бесперспективно. Ние нема да се откажеме од нашите национални интереси и принципиелната позиција во однос на клучните прашања, но во исто време, руската страна е подготвена за конструктивна соработка со САД како во билатералната сфера, така и во меѓународната арена каде што нашите земји носат особена одговорност за глобалната стабилност“, се соопштува на страницата на МНР на Русија на Фејсбук.

„Лавров истакна дека плановите што се разгледуваат во Вашингтон за испорака на воена техника и вооружување на Киев се преполни со непредвидливи последици и носат со себе закана за неуспех на напорите за политичко решавање на кофликтот на југоистокот на земјата.“

Кери се сретна со Лавров на маргините на Минхенската конференција за безбедност. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња