Пет џиновски животни што живеат во Русија

Yuri Smityuk/TASS
Ако сте уверени дека огромните животни живеат само во егзотични земји, тогаш сигурно не знаете какви сѐ џинови живеат определени делови на Русија.

Морж

Една од најнеобичните и најкарактеристичните видови животни. Моржовите, исто така живеат во Русија, навистина на ограничен простор, покрај брегот на Северниот леден океан. Типичните моржови можат да достигнат висина од три и пол метри и тежина од околу осумстотини килограми. Меѓутоа понекогаш можат да бидат поголеми од своите сродници, а некои истражувачи на Северниот леден океан наоѓале моржови долги по пет метри, чија тежина достигнувала речиси два тона.

Сепак, клучна специфичност на моржовите се бивните со импресивна големина. Возрасните мажјаци можат да имаат бивни од еден метар. Тие им се потребни за да го плашат непријателот и да го засекуваат дебелиот мраз во потрага по храна. Бивните мошне лесно можат да направат дупки во бродовите.

Зубар

Зубарот или европски бизон е тежок од 400 килограми до еден тон, а возрасните единки достигнуваат висина до два метри. Ова е редок цицач, неговата популација е уништена на почетокот на дваесеттиот век. Меѓутоа, денес сепак може да се сретне, па и во Русија.

Во Русија живеат 66 бизони, а нивни потомци се наоѓаат во националните паркови на Кавказот, во Брјанската и во Смоленската област. Меѓутоа, научниците пред сѐ очекуваат резултати во Плеистоценскиот парк во Јакутија каде што во 2011 година се вдомија пет бизони со надеж дека во следниот век ќе успеат да ја заживеат популацијата.

Диво прасе

Без оглед на фактот што просечно диво прасе тежи најмногу 200 килограми (никако не би можело да се нарече џиновско), во некои случаи овие животни можат да достигнат навистина огромни димензии.

На Урал и на Далечниот Исток ловците често се среќавале со диви прасиња чија тежина била над 500 килограми, а биле високи 170 сантиметри. Ваквите димензии на дивите прасиња се чудни, со оглед на тоа што најчесто припадниците на овој вид не се повисоки од еден метар.

Бела мечка

Белата мечка не е едноставно само големо животно, туку и најголем копнен грабливец на Земјата. Исто така живее во Русија на места слични како и моржовите, што би се рекло на крајниот север и на брегот на Северниот леден океан.

Возрасен мажјак на белата мечка достигнува висина и до три метри и тежина до 600 килограми. Постојат и поголеми претставници од овој вид чија тежина може да достигне и еден тон, но се среќаваат мошне ретко. Сепак, кога овој грабливец ќе застане на задните шепи, а тоа го прави за да ги заплаши непријателите, неговата висина може да достигне и три и пол метри.

Белуга (моруна)

Слатководната риба белуга е еден од најнеобичните жители на водните длабочини. Освен надворешниот изглед (често се истакнува дека потсетува на човечко лице), необична е и поради огромните димензии.

Моруната може да достигне должина од девет метри, а тежина од цели два тона! Но, споменатите димензии не се толку чести поради човековата дејност во водите. Денес има мошне малку белуга. Работата не е во заштитата на животната средина и масовниот лов, туку во хидротехничките постројки кои го попречуваат движењето од Каспиското, Азовското и Црното Море во големите реки за мрестење. Преживуваат благодарение на одгледувачниците, но белугата од одгледувачници ретко ги достигнува споменатите димензии.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња