Александар Зас: Како руски спортист стана најсилниот човек на планетата

Александар Зас

Александар Зас

Sputnik
Зас се прочу по својата специфична техника на вежбање која неверојатно ја зголемува силата и издржливоста. Ја разви во заробеништво, окован во тесна ќелија.

Лесно носел коњ на грб и дигал пијано на кое свирела пијанистка, фаќал џиновско топовско ѓуле тешко 90 килограми кое излетувало од топ и без напор кинел синџири завиткани околу неговото тело. Роден во Руската империја, Александар Иванович Зас бил еден од најсилните луѓе во првата половина на ХХ век. Во Велика Британија го третирале како „најсилниот човек на Земјата“.

И покрај сето тоа, Зас не изгледал како силен човек. Бил висок само 168 сантиметри, тежок 75 килограми и не бил мускулест. „Големиот бицепс е показател за сила исто како што големиот стомак е показател за добро варење“, сметал Александар Иванович. „Тоа тетивата го затегнува бицепсот кој се скратува. Тетивите и работата над нив се тајната на мојата сила. Мојата сила е во тетивите“.

Страст за цел живот

Александар се вљубил во демонстрацијата на сила уште како дете, кога првпат посетил циркуска претстава во Оренбург. Кога се вратил дома, почнал интензивно да тренира користејќи сé што ќе му се нашло при рака.

„Ништо не ми ги окупираше мислите повеќе од желбата да станам многу силен, толку силен што би можел да го правам она што обичните спортисти не можат“, кажуваше тој подоцна.

Зас постигнал импресивни резултати, но неговиот татко ги третирал неговите тренинзи за сила како бескорисна забава. Затоа го испратил својот син во училиште за машиновозачи, не насетувајќи дека наместо тоа тој ќе се вработи во циркус и упорно ќе совладува различни сложени точки од циркуските претстави.

Кога летото 1914 година избувнала Првата светска војна, Александар Зас бил повикан во војска. Служел во коњаницата. Таму се прославил така што еднаш на раменици го донел својот ранет коњ во логорот.

Откако бил тешко ранет, рускиот херој бил заробен. Меѓутоа, благодарение на напорите на австриските лекари, тој успеал да си го сочува не само животот, туку и здравјето.

Зас бил сместен во логор за воени заробеници. Откако се обидел да избега, бил фатен и фрлен во тесна ќелија во тврдина, која имала само мал прозорец со решетки.

Уникатна техника

„Бев цврсто окован и дење и ноќе. Чуварите ми ги симнуваа оковите само два пати на ден за време на оброкот. Поради тоа, мојот ум почна полека да се предава“, се сеќава Зас. „Сериозно размислував и дојдов до заклучок дека единствениот начин да го запрам влошувањето на мојата физичка состојба е да го одржам тонусот на моите мускули некако поинаку отколку кога имав слобода на движење“.

Бидејќи движења му биле многу ограничени, Зас започнал интензивно да развива и практикува систем на изометриски вежби, во кои мускулите се напнати, но не се истегнуваат и не се опуштаат, т.е. не доаѓа до контракција. „Набрзо сфатив дека овој тип на физичка стимулација може да се применува со часови. Наместо телото да троши енергија, напротив, тоа само ја акумулира“.

Спортистот успеал да ја одржи формата, па дури и да стекне поголема издржливост, да ги зајакне лигаментите и тетивите и да ја зголеми нивната еластичност. Во исто време развил свој уникатен метод на вежбање во екстремно тешки услови додека трпел неподносливи болки затоа што оковите му ја луштеле кожата до крв.

При крајот на војната условите во заробеништво му биле малку олеснети на Зас и тој веднаш го искористил тоа. Повторно се обидел да побегне, и овој пат успеал.

„Железниот Самсон“

Александар Иванович се приклучил на една од циркуските трупи што гостувале во цела повоена Европа, а во 1924 година се населил во Велика Британија.

Поради својата натчовечка сила и неверојатната издржливост, го добил прекарот „Железниот Самсон“, а во печатот фигурира како „најсилниот човек на Земјата“.

Лесно носел голем коњ во арената, вешто фаќал ѓуле од 90 килограми испукано од специјален топ, кое подоцна било заменето со девојка.

Во циркуската арена

Во циркуската точка „ѓаволска ковачница“, Александар Иванович лежел на клинци свртени нагоре. На градите му бил ставан огромен камен од 500 килограми, кој асистентите го кршеле со чекани.

Во друга точка врзан за нозете го дигале под куполата на циркусот, а тој во забите држел јаже на кое било обесено пијано на кое свирела пијанистка.

Зас можел да држи на своите раменици висечка платформа на која стоеле десетина луѓе.

Од тегови до животни

„Железниот Самсон“ настапувал во арената сé до 1954 година. На 66-годишна возраст веќе му било потешко да ја воодушеви публиката со својата невидена сила.

Камион полн со јаглен поминува преку Александар Зас.

Затоа се префрлил на дресура на животни, а и во тоа бил успешен сé до 1962 година, кога се случила несреќа во циркусот. Имено, комбето со мајмуни се запалило, а Александар Иванович притрчал да ги спаси.

Во борбата за животот на своите миленици се здобил со повеќе изгореници и потоа починал во болница од срцев удар. Не успеал да го оствари својот долгогодишен сон - барем уште еднаш да ја посети Русија.

Споменикот на Александар Зас во Оренбург

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња