Запознајте ги богатирите, руските јунаци без мана и без страв

Михаил Авилов
Приказните за богатирите кои потекнуваат од паганските времиња претставуваат важен дел од колективната свест на рускиот народ. Но, дали овие јунаци навистина постоеле?

Легендите за богатирите, јунаците од далечното минато, се омилени приказни за заспивање на руските момчиња и девојчиња. Иљја Муромец 33 години лежел на печката, а потоа со чудо бил излекуван за да му помогне на кнезот Владимир да ја спаси руската земја. Аљоша Попович се борел против змејот Тугарин, а древниот богатир Свјатогор го заробила Земјата поради својата огромна сила. Овие јунаци на свој начин ги „населувале“ руските земји пред доаѓањето на христијанството!

Од каде потекнува зборот „богатир“?

Самиот збор „богатир“ не е од руско потекло. Тоа е заемка од турските јазици во кои *baɣatur значи јунак, војник, воен командат. На руската земја овие извонредни воини се нарекувале „храбр“, „витјаз“ или „молодец“. Зошто тогаш Русите зеле туѓ збор?

Меѓу Монголо-Татарите најдобрите воини се нарекувале „богатири“ и Русите овој назив го презеле за своите јунаци со цел да истакнат дека не се ништо послаби од монголските. Оттука јунаците во руските сказни секогаш се нарекувале богатири.

Кои извори зборуваат за богатирите?

Руските билини се епски песни посветени на познатите историски (или псевдоисториски) настани во руското минато. Билини пееле генерации народни пејачи и ги пренесувале усно од колено на колено. За првпат биле собрани и објавени во книга во 1804 година, а нивното проучување и собирање продолжило во текот на целиот 19 век. На историчарите им се познати неколку стотини билини кои се поделени на киевски циклус, новгородски циклус и серуски билини, во зависност од местото кадешто се одвива дејствието.

Богатирите кои се појавуваат во билините не се точни прикази на определени херои од историјата. Тие се попрво колективна слика на архетипските јунаци кои ги комбинираат приказните за различни воини засновани на древни митови.

„Постари“ богатири

Во билините се споменуваат десетина различни руски богатири. Меѓу нив тројца спаѓаат во древната доба, а тоа се Свјатогор, Волга Свјатославич и Микула Сељанинович.

Свјатогор е најстариот и најсилниот богатир. Историчарите и филолозите се сложуваат дека Свјатогор е најверојатно претхристијански јунак на руските преданија. Свајтогор е огромен џин кој живее во светите планини. Кога тој оди, Мајката Земја се тресе, шумите се свиваат, а реките се излеваат од коритата. Во различни билини се наведува дека Свјатогор го заробила Земјата (откако тој се обидел да ја подигне тежината на целата Земја во торба) или дека е затворен во камен ковчег. Во секој случај, Свјатогор е персонификација на некаква древна сеопфатна сила. Тој е премногу силен и премногу тежок за Земјата да може да го носи.

Волга Свјатославович е уште еден претхристијански богатир. Неговата мајка била кнегиња, а татко му волшебна змија. Оттука и неговата способност да се претвора во различни битија и да го разбира животинскиот јазик. Постојат бројни приказни за патувањето на Волга во странски земји, Индија и Турција.

Микола Сељанинович е вистински селански јунак. Неговиот патроним, Сељанинович, буквално значи „син на селанец“. Тој е непобедлив зашто „Мајката Земја го сака својот род“. Микола е оној што на Свјатогор му ја дава торбата со тежината на целата Земја која Свјатогор не може да ја крене. Името на Микола е варијација на името Николај, а во Русија свети Николај е особено почитуван светител до денешен ден. Историчарите наведуваат дека Микола Сељанинович би можел да биде некаков вид древен пагански бог кој подоцна е транспониран и почитуван како свети Никола.

Тројцата богатири

Сите останати богатири спаѓаат во „помладите“. Ги има неколку десетина и поголемиот број Руси не ги знаат сите по име. Но, сите ја знаат сликата „Богатири“ на Виктор Васнецов. На ова масло на платно Васнецов работел речиси 20 години (од 1881 до 1898 година) и успеал да ја отелотвори страста што руското општество ја чувствувало кон природната убавина на руската земја. Богатирите што се прикажани на неа се меѓу најпознатите руски јунаци: Добриња Никтитич (лево), Иљја Муромец (во средина) и Аљоша Попович (десно).

Иљја Муромец е всушност најпознат меѓу руските богатири. Се смета дека тој е „заштитник на руската земја“. Приказната за него, опеана во различни билини, е мошне архетипска за Русија. Првите 33 години од животот Иљја не може да оди поради некаква непозната болест. Еднаш, кога бил сам дома, тројца поклоници дошле да бараат вода од него. „Не можам да се движам“, рекол Иљја, но поклониците инсистирале да стане и да им донесе вода. Неочекувано Иљја станал и им донел канта со вода. Најстариот поклоник му рекол да ја испие водата и така бил излечен. Потоа Иљја добива неверојатна сила и заминува во Владимир да му помогне на кнезот Владимир да ја одбрани руската земја, вели билината.

Биографиите на Добриња Никитич и на Аљоша Попович се блиски во билините. Тие двајцата се бореле со злите змејови. Добриња се борел против Змејот Горинич, а Аљоша против Змејот Тугарин. И двајцата го штитат рускиот народ и се браќа. Двајцата богатири се опишани како културни и писмени. Добриња зборува на 12 јазици, а Аљоша свири на гусли (на сликата може да се види гусла што Аљоша ја има префрлено преку грб).

Дали навистина постоеле богатирите?

Билините не претставуваат некаков комплетен список или збирка. Тие се пренесувани усно и со векови и имаат голем број варијации и додатоци. Многу од нив не се забележени. Во нив вистинските настани од минатото се комбинираат со мечтите.

На пример, се смета дека Аљоша Попович од билините всушност бил Александар Попович, болјар од Ростовскиот регион кој загинал во Битката кај реката Калка во 1223 година. Меѓутоа, до 13 век Аљоша веќе бил познат како херој од преданијата, така што реалната личност претрпела влијание од преданието, а не обратно.

Истото се однесува и на Иљја Муромец. Широко е познато мислењето дека негов прототип бил свети Илија Печерски, монах од Киевско-Печерската лавра, кој починал во 1188 година. Неговото тело се чува во пештерата на Киевско-Печерската лавра.

Во 1988 година лекарите извршија испитувања на реликвиите на свети Илија. Студијата покажа дека бил крупен човек, висок околу 177 сантиметри, Она што е неверојатно е што телото покажало знаци на болест на ‘рбетот, што се поклопува со приказната дека Иљја Муромец лежел на печката 33 години. Коските од черепот се невообичаено дебели, а зглобовите и клучните коски значително поголеми одошто кај поголемиот број луѓе. Причината за смртта најверојатно била удар со остро оружје (копје или меч) во градите.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња