Што е тоа што е кодирано во чувашкиот вез? (ФОТО)

Владимир Первенцев/Sputnik
Во сите тие интригантни квадрати и цик-цак шари се скриени митологијата на древниот народ и исчезнатото рунско писмо.

„Земјата со сто илјади везови“, се вели за руската Република Чувашија, која се наоѓа во Поволожјето. И тоа не е само одредница со романтичен призвук, туку е и сосем точна. Во секој реон (доволно е само да ја погледнете извезената карта) има толку многу мотиви и мостри што мештаните смислиле духовита споредба според која „везот за Чувашија е исто што и фудбалот за Бразил“. Везот буквално го дефинира културниот код на овој народ.

Чувашкиот вез е математика

Пред околу сто години (а на некои места и до средината на минатиот век), Чувашите секојдневно ја носеа својата традиционална носија, а не само на празници, како што е тоа случајот денес. Со вез се украсувано женските кошули, престилки и главата („сурпан“ - еден вид повез за глава и наметки и „масмак“ - широки ленти околу главата). Чувашите го сметале везот за заштита од мрачните сили, а жената треба да биде заштитена пред сè, бидејќи таа носела нов живот.

Првото нешто што паѓа во очи е сличноста на рачниот вез со машинскиот, толку префинета и педантна била изработката на тенко платно. А за везот требало знаете да броите, бидејќи секој елемент на рачната работа се протегал на одреден број квадратчиња на ткаенината (две лево, три десно, а потоа два назад). Сето тоа требало да се има на ум за секоја шема. А само бодови има повеќе од 30 вида. Значи, везот не бил исто што и весела поседенка во друштво на другарки, туку вистинска математичка задача. Посебна концентрација барал двостраниот вез, кој изгледал подеднакво филигрански и од лицето и од позадината.

„Жените пред мажење имале многу направени парчиња вез кои подоцна ги зашивале на облеката, бидејќи немале доволно време за рачна работа во семејството“, вели Надежда Селверстрова, управник на Музејот на чувашкиот вез. „Нашиот музеј чува работи од крајот на XVIII до почетокот на XX век кои се пренесувале од колено на колено. Врз основа на ракотворбите може со сигурност да се утврди од каде е везилката (во чувашкиот народ постојат три етнографски групи, горна долна и средна), семејното потекло, имотот и нејзините вештини.

Везени амајлии

Во чувашката митологија постојат три света - подземен, среден (во кој живеат луѓето) и горен. Суштествата што ги населуваат тие светови може да се видат во чувашките везови. Тоа се духовите, животните и основните елементи.

„Сè што е под појасот е долниот свет и минатото“, вели Надежда. „Од појасот до рамениците е нашиот свет, а над рамениците е врската со космосот, со универзумот“.

Во чувашката митологија светот го создал врховниот бог Тура. Нему му се спротивставува богот на долниот свет Шујтан. Од небото се одвоиле копното и водата (океанот) во кои се појавиле патките и рибите. На небото останале три сонца (од едното настанала месечината, а другото се расеало во ѕвезди). А световите го спојува дрвото на животот.

Уште во времето на СССР етнографите ги собраа сите чувашки орнаменти. Излегува дека најчести се квадратите, симболите на земјата, осмокраките симболи на сонцето, патките, коњите, дрвото „очи“ („окото на Тура“) и други геометриски знаци.

Руни на ткаенина

Меѓу чувашките мотиви се издвојуваат и посебни симболи кои наликуваат на древните рунски знаци. Руните обично ги користеле народите од Северна Европа, но слични знаци одредено време биле присутни и кај народите од Поволжјето, чувашките предци. Во Средниот век ваквите знаци се користеле како племенски знаци, превенствено на предмети за секојдневна употреба. Со цел да се разграничат работите на одделни семејства.

Таквите родовски знаци подоцна се нашле на ткаенина, станувајќи мотив на чувашкиот вез.

Чувашките жене не користеле само вез како украс. Тие се кителе и со огромна количина сребрени ковани монети, меѓу кои имало и такви од Европа. Мнозинството Чуваши денес се православни. Но, во Русија сè уште има села каде што Чувашите ја сочувале својата традиционална паганска вера и каде што принесуваат жртви.

Еве како изгледа тоа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња