Зошто усурската темна мечка е најстрашното нешто што можете да го сретнете во животот? (ФОТО)

JZ85 (CC BY-SA)
За едно село да се ослободи од овој натрапник, во една пригода биле потребни 60 вооружени луѓе. Каде живее оваа ѕверка? И зошто е толку свирепа? И кој може да се справи со неа?

Колку мечки се потребни за од едно село да остане само пустош? На архипелагот Нова Земја, на пример, страв во коските на жителите на едно село им втераа 50 бели мечки кои гладот ги наведе да им се приближат на луѓето. А, што ако станува збор за усурската темна мечка?

Доволно е само една за животот да стане неподнослив. Во една пригода за спасување на едно село од овој натрапник потребна беше цела снајперска екипа со 60 вооружени мажи. Пред да биде убиена (друга можност не преостануваше), мечката за еден месец изеде седуммина селани.

Овој настан се случи во 1915 година во јапонското село Рокусен-сава, недалеку од градот Томамае. Но, дури и сто години подоцна нејзината свирепост не е помала. Таа и понатаму е една од најагерсивните мечки на светот.

Усурската темна мечка живее во шумските, планинските и во крајбрежните делови околу реката Усури во Приморскиот крај, во Амурската област, на Сахалин, на островите Хокаидо и Кунашир, во североисточните делови на Кина и на Корејскиот Полуостров.

Иако се нарекува темна, крзното ѝ е потемно (понекаде дури и црно) одошто кај обичната темна мечка. Поради тоа извесно време научниците претпоставувале дека усурската мечка е мешавина од темната и црната азиска мечка. Меѓутоа, тоа не е потврдено.

Според големината, усурската темна мечка заостанува само зад мечките од островот Кодијк, и тоа незначително. Женките се тешки 200-250 килограми, додека мажјаците се вистински „тешкашки“ – назима можат да достигнат и до 600 килограми. Кога еден ваков џин ќе застане на задните шепи неговата висина достигнува до 3 метри.

Оваа величина ја постигнува благодарение на мошне широкиот избор на храна во менито. Повеќе јаде билки, одошто е крвожеден месојадец. Ужива во плодовите на кучешкиот трн, на рибизлата, аронијата, кората од дрвјата. На ваква исхрана може да мине цело лето. Кога во околните води има многу риба, таа изнесува 30% од нејзината исхрана. Пред зимата, за побрзо да ја зголеми тежината, мечката преминува на земјоделски култури, одејќи по нивите. Но, нема да пропушти можност да не изеде некое животно. Повремено ќе зграпчи некој цицач од која било големина. Ниту напад на туѓо мече не е реткост.

Од таа причина женките на усурската мечка се однесуваат како вистински заводнички. Честа појава е мече од едно легло да има различни татковци. Зашто со колку повеќе партнери се парела мајката, толку повеќе мажјаци ќе го третираат мечето како свое. Но, и покрај тоа, мечката мора да направи сѐ за во првите три години од животот нејзиното потомство да среќава мажјаци колку што е можно поретко.

Усурската темна мечка води осамен начин на живот. Поголем дел од времето, со исклучок на сезоната за парење, го поминува сама. Но, тоа не е удобен живот. Природниот простор го дели со уште еден грабливец кој ѝ е вечна конкуренција. Тоа е амурскиот тигар. На местото кадешто им се пресекуваат патиштата доаѓа до жестоки битки.

Мечките се обидуваат да ги избегнат овие средби, но гладот и намалувањето на животната средина поради ширењето на човековата дејност сѐ почесто доведува до нивен судир. Кој победува во ваквите случаи? Од забележаните случаи може да се заклучи дека во 50% од судирите како победник излегува тигарот (тука дознајте зошто е тоа тука). Но, постои една финта. Тигарот најмногу напаѓа помлади, одошто возрасни единки. Исто така често мечките ги напаѓа за време на зимскиот сон на почетокот на зимата, така што не можат да му избегаат. Кога ќе убие мечка, тигарот главно ги јаде само неговите масни наслаги.

Денес се смета дека усурската темна мечка е загрозен вид (и покрај својот застрашувачки изглед). Меѓутоа, причина за тоа не се тигрите, ами луѓето со својот криволов и со ширењето на урбаните делови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња