10 најнеобични руски куќи (во облик на јајце, мачка, слон, балон...)

Mayer H, Alexander Erman Architecture & Design; Архстудия Вежа
Во Русија може да се најде речиси секој стил на архитектурата: класицизам, сецесија, современи облакодери... Но, тука е и архитектурата која сосема се разликува од сето она во коешто луѓето обично живеат. Кој ги има направено и зошто?

1. Куќа во водокула во Томск

Сибирскиот град Томск е познат пред сѐ по старата дрвена архитектура. Но, и неговите денешни жители покажуваат креативност кога станува збор за сферата на живеење.

Александар Луњов во 2012 година од локалните власти откупи водокула од 19 век и реши во неа да си направи стан за себе. Му беа потребни осум години за да ја реставрира фасадата и внатрешноста на ова здание. Дури во 2020 година успеа да се всели во својот нов дом. Кулата е поделена на шест ката, на секој од нив се наоѓа по една просторија. Само еден кат засега е вселив. Тука живее тој и продолжува со својата работа.

2. Куќа направена на 3Д-печатач во Јарослављ

Во престолнината на Златниот прстен на Русија нема да најдете само средновековни зданија, ами и компанија којашто произведува 3Д-печатачи за градежништвото. Тие во 2017 година ја претставија една од најголемите приватни куќи во Европа направена на принтер со речиси 300 метри квадратни.

За нејзиното печатење беше потребен само еден месец, додека уредувањето на ентериерот траеше две години. Денес во неа живее едно семејство.

Моментално оваа компанија работи на изградба на цела населба со помош на истата технологија.

3. Куќа во облик на мачка во Јарослављ

Тешко е да се поверува, но оваа куќа, односно викендичка, е исто така направена со помош на 3Д-печатач од истата компанија, но на нешто поинаков начин. За неа работилницата отпечати 150 делови, а потоа тие беа составени на избраната локација.

Резултатот е куќа во облик на мачка која држи Рубикова коцка! Ентериерот има само 23 квадратни метри, а куќата е висока 5,4 метри.

4. Куќа-јајце во Московската област

Познатиот московски вајар Григориј Орехов ја изгради оваа куќа во облик на јајце за својата ќерка Агата. Концептот на оваа футуристичка конструкција се појавил при потрага по куќа за играње. „Мојата ќерка со години бараше да ѝ направам куќа за играње, но ние сме семејство перфекционисти, па не можевме да купиме што било и да го решиме тоа прашање“, изјави Орехов.

5. Приватна резиденција NN у Московската област

Во 2019 година во околината на Москва се појави необична куќа којашто, гледано од воздух, не се разликува од нејзиното природно опкружување. Куќата ја има проектирано германското ателје „J.Mayer.H“ за неименуван клиент. Според архитектот, границата помеѓу куќата и пејзажот е избришана и е креирано чувство на природно опкружување. Површината на куќата изнесува неверојатни 5.600 квадратни метри. Самата градба потсетува на огромна школка или на лист од дрво. Изградбата траеше 2.5 години, што за ваков комплексен проект е мошне малку.

6. Зградите „Колос“ во Москва

Наспроти Олимпијадата од 1980 година изградени се познатите кружни „хрушчовки“ (повеќе за нив прочитајте тука). Додека овие тркалезни згради од бетонски панели на југот на Москва беа изградени кон крајот на деведесеттите години од минатиот век. Тоа беше експериментална серија на 23-катници под називот „Колос“.

Трите долни нивоа се користат за продавници и за услужни дејности, додека горните катови се обични станови, иако имаат заоблени ѕидови.

7. Куќата-слон у Московската област

Оваа куќа во приградската населба на Москва Островци ја има изградено Сергеј Кожуро како експеримент. Денес таа е една од знаменитостите на регионот. Идејата била да се изгради станбена куќа во облик на слон. Меѓутоа оваа трикатница сѐ уште го нема најдено својот сопственик.

8. Куќата-купола во Новосибирск

Локалниот дизајнер Иван Диркин пред десетина години започна да гради куќи во облик на куполи во најголемиот град на Сибир. Првата куќа стана препознатлив објект во градот. Тука тој одржуваше предавања, изложби и забави. Денес гради куќи по нарачка, користејќи технологија што самиот ја смислил.

9. Куќата-балон на Алтајските планини

Уште една куќа со топчест облик пронајдовме на Алтајските планини, во селото Муљта, популарно туристичко место. Тоа е куќа на три нивоа, чии сопственици ја издаваат во текот на туристичката сезона. Иако изгледа дека е мало, во неа има шест спални соби, комплетна кујна, голема дневна соба. Се грее со помош на печка.

10. Куќата-школка во Свердловската област

Една куќа со необичен облик се појави недалеку од Екатеринбург во селото Таватуј во 2012 година. Ја подигна за себе локалниот архитект Јуриј Гадјуков.

Куќата има три нивоа. На приземјето има хол со библиотека, на првиот кат е кујната и дневната соба, а вториот е спалната соба. Во куќата практично не постојат прави линии. Целиот објект како да плови и да лебди. Како ви се чини?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња