Зошто во СССР се градеа кружни згради? (ФОТО)

Михаил Колобаев/Mos.ru (CC BY 4.0)
Советските архитекти експериментираа со формите на станбените згради. Најпрвин сакаа економично да го искористат градскиот простор, а потоа се обидоа да ја покажат силата и моќта на својата земја.

Во Русија експериментите со кружната форма на зградите започнаа долго пред револуцијата. Во 20-тите години на XIX век во Санкт Петербург беше изградена првата „прстенеста зграда“. Становите во неа беа за издавање.

Во Москва надалеку е позната авангардната приватна куќа на архитектот Мељников, изградена во вид на цилиндар кон крајот на 20-тите години на XX век.

Кружните форми станаа омилен метод на архитектонскиот конструктивизам и беа интензивно користени во различни градби, од одморалишта до оперски куќи. Кон крајот на 20-тите години на ХХ век во Таганрог беше изграден Клубот на металците, чии контури наликуваат на глава на виљушкаст клуч.

Во 1932 година во Таганрог беше изградена двокатна зграда во вид на буквата С или прекинат прстен. Се смета дека тоа е првата кружна станбена зграда во СССР. Нејзини први станари беа работници од фабриката „Красниј Котељшчик“.

Не се знае со сигурност кој бил архитектот на оваа зграда. Во советско време за автор на проектот се сметаше Михаил Кондратјев, кој патем го изгради цик-цак станбениот комплекс „Нов живот“ во Ростов на Дон. Меѓутоа, подоцнежните познавачи беа склони да претпостават дека зградата е дизајнирана од Иван Таранов-Белозјоров, автор на неколку станици на московското метро.

Во „Станбената зграда на фабриката „Красниј Котељшчик“ (до денес тоа е официјалното име на зградата) имаше 36 станови. На почетокот  имаа заеднички бањи, наменети за неколку семејства, но сега секој стан има своја бања. Интересно е што во „престижната“ зграда тоалетот се наоѓаше одвоено од бањата, а канализацијата и водоводот беа воведени во објектот дури 30 години подоцна, некаде во 1960-тите.

Внатре во зградата има пријатен затворен двор кон кој гледаат влезните врати на сите станови. На првиот и вториот кат има заеднички балкони, кои се протегаат по должината на зградата. Објектот беше реновиран пред 10 години.

Кружниот облик ги симболизираше единството и комуната - идеалната станбена средина за советскиот човек: сите гледаат сè, а терасата и дворот се заеднички. Притоа беа користени наједноставните материјали, но зградата беше добро и стабилно изградена (има веќе 90 години и е во одлична состојба).

Секако, по повод изградбата на една ваква необична градба, веднаш се појавија голем број на легенди. Според една од нив, зградата во вид на буквата С била само првата, било планирано да се изградат уште три згради кои заедно ќе ја формирале кратенката „СССР“. Според друга, за изградба на темелите бил употребен камен од црквата „Архангел Михаил“ која беше уништена од болшевиците.

На почетокот на 1930-тите во градот Иваново се појави станбена зграда - потковица во конструктивистички стил. Зградата е изградена за припадници на органите на државната безбедност. Тоа беше уште еден експеримент. Се сметаше дека полукружниот облик ја прави станбената зграда покомпактна, заштедува урбан простор и овозможува повеќе луѓе да се сместат на помал простор.

Меѓутоа, овие експерименти не поттикнаа масовна изградба на кружни згради од овој тип. Во 50-тите и 60-тите години, акутниот станбен проблем се решаваше со поедноставни конструкции, таканаречените хрушчовки во вид на квадар.

Сепак, експериментите со кружни форми продолжија подоцна. По одлуката за одржување на Олимпијадата во Москва во 1980 година, властите решија да ги импресионираат гостите со инфраструктурата и повторно да изградат кружни згради. Поточно: пет згради кои, гледани од воздух, би формирале слика на олимписките прстени. Два прстена според проектот на архитектот Евгениј Стам и инженерот Александар Маркелов беа изградени на улиците „Нежинскаја“ и „Довженко“ во 1970-тите години. Тие беа огромни згради со над 900 станови.

Се покажа дека изградбата на такви нестандардни објекти е многу скапа и сложена. Затоа овој амбициозен план заврши со две градби.

Подоцна се покажа дека живеењето во такви згради има многу недостатоци: тешко е да се влезе во дворот со автомобил, бидејќи тоа е можно само на неколку места, а има недостаток на простор за паркирање. Во становите чии прозорци гледаат кон дворот често е темно, па поради тоа се трошат многу пари за струја. Покрај тоа, поради недоволна светлина се јавуваат проблеми со влага и мувла. Во становите нема ниеден прав агол, па тапетите тешко се лепат, а патосот тешко се поставува.

Освен тоа, стандардниот советски мебел не можеше да се вклопи во необичниот дизајн на собите. А внатрешниот двор, како голем бетонски бунар, создаваше силно ехо дури и при обичен разговор.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња