Како Руската империја војувала со непокорните Чукчи

Public Domain/Sputnik
Колонизаторите на Руската империја во текот на експанзијата наишле на тврд орев. Чукчите биле сесрдни воини од кои се плашеле сите соседни племиња. Овој народ немал намера да се предаде на моќниот непријател и бил рамнодушен кон „стаповите што грмат“.

Обично се смета дека процесот на освојување на Сибир, а подоцна и на рускиот Далечен исток, започнал во 1581 година со походот на Ермак Тимофеевич и на неговите козаци против Сибирскиот ханат. Ермак бил ангажиран од страна на Јаков и Григориј Строганов. Тие најпрво добиле поседи долж реката Кама и рудници за сол во Сољ-Вичегодск, за оттаму да тргнат кон исток, каде наишле на непремостлив остаток од Златната Орда. Ханот Кучум навистина претставувал опасност, па затоа царот Иван Четврти Грозни им дозволи на браќата Строганови да најмат козаци и на тој начин да го решат проблемот.

Чукотско семејство пред својот дом

На тој начин бил разбиен Сибирскиот ханат, последната препрека на патот на руските пионери. Потоа тие почнале да запоседнуваат нови територии, а козаците станале главна ударна сила на колонизацијата. Едни доброволно заминувале од европскиот дел на Русија во потрага по плен, други биле наемници, а трети потомци на првите доселеници. Се движеле по реките и собирале данок од автохтоните народи. Немало смисла да се остане на едно место зашто само територијата на Јужен Сибир била погодна за земјоделство, а и на царот му биле потребни нови поданици кои можеле да плаќаат данок и да обезбедуваат стока. Северот изобилувал со животни со скапоцено крзно, со риби, со фоки од кои се добивала маст и со бивни од моржови.

Чукотски чамец

Така колонизаторите напредувале на исток, градејќи упоришта од дрва и земајќи данок од автохтоните жители. Имало крвави судири, но за решавањето на проблемите со мештаните најчесто била доволна обична демонстрација на сила. Во еден случај, меѓутоа, овој метод немал ефект. Чукчите биле тврд орев.

Чукотско семејство: старец, старица и деца на брегот

Тие себеси се нарекувале „луораветлан“, што значи „вистински луѓе“, а сите соседи ги третирале како второстепени битија. Истото важело и за руските колонизатори.

Не се знае точно кога дошло до првиот контакт. Постои податок дека Русите и Чукчите се сретнале летото 1642 година кај реката Алазеја, но можно е да се запознале и претходно. Како и да е, козаците знаеле дека во овие краишта живее некој „страшен“ народ. Евените, Евенките, Југакирите и Корјаците им раскажувале за долгогодишните судири, но атаманите Иван Ерестов и Дмитриј Зирјан не ги сфатиле овие раскажувања сериозно. Кога воспоставиле контакт, козаците соопштиле дека Чукчите од денес се поданици на царот Михаил Фјодорович и дека мораат да плаќаат данок. Домородците, меѓутоа, немале разбирање за ваквиот став. Избил вооружен судир во кој учествувал идниот голем светски парник, а тогаш сè уште само козак Семјон Дежњов.

Семјон Иванович Дежњов (1605-1673), руски морепловец

Подоцна атаманот Ерастов во писмо до царот Михаил Фјодорович го споменал и овој инцидент, велејќи дека борбата со Чукчите траеле „цел ден до вечерта“. Козаците едноставно не очекувале толкава храброст од домородците. И Евените и Јукагирите имале голем страв од огненото оружје и панично бегале пред да чујат пукање. Тоа не било така со Чукчите. Тие биле рамнодушни кон „стаповите што грмат“ и на огнот одговарале со стрели. Козаците се чуделе.

Ги потценувале противниците зашто не го познавале нивниот менталитет. Целиот живот на Чукчите бил постојана борба за опстанок. Покрај тоа, тие не се плашеле од смртта. Сето тоа козаците го дознале потоа.

Експедиција на Семјон Иванович Дежњов, 1645 или 1648 година

Но, ни козаците, секако, не планирале да се повлечат. Процесот на колонизација на рускиот Далечен исток бил во полн ек, а на патот ѝ се нашле храбри домородци.

И втора работа, бивните од морж биле толку ценети на пазарот, што би било крајно неразумно да се откажат од експанзија.

На почетокот козаците се обиделе на мирен начин да се договорат со Чукчите, но не успеале во тоа. Јасно е дека дипломатијата не им била силна страна на атаманите, но ниту домородците не попуштале. Каменот на сопнување била првобитната заедница во која живееле овие „вистински луѓе“. Тие немале врховна власт, ами кланови. На чело на секој клан стоел „тојон“, кој немал власт над целото племе, нити можел да одлучува во име на сите Чукчи. Можел само да го каже своето мислење, и ако тоа се разликува од мислењето на мнозинството, едноставно го убивале, а на негово место поставувале некој поприфатлив. Нормално е што козачките атамани не можеле да влијаат на овие домородци, така што војната била неминовна.

Чукчи

И покрај примитивниот живот во првобитната заедница и исто така примитивното оружје, Чукчите биле опасни противници. Правеле заштитна облека од кожа од фока или моржеви и со нив ги покривале сите делови на телото, од колената до вратот. Од оваа кожа правеле и јаки штитови. Некои воини имале оклопи од коски и рогови од ирваси.

Најважното оружје им биле лакот и стрелата, копјето, ножот и ластегарката. Со овој арсенал тие ракувале од детството, но сепак, според козаците, во тоа „не биле многу вешти“. Доколку постоела опасност да биде заробен, Чукчата би извршил самоубиство. Освен тоа, ова племе постојано ги напаѓало соседите, па со текот на времето изградило определена воена тактика, по што Чукчите значително се разликувале од останатите автохтони племиња.

„Вистинските луѓе“ вешто се маскирале и се труделе да го надмудрат непријателот, мамејќи го во замка. Секој клан имал свои големи воини. Чукчите имале обичај на дланката да истетовираат точка кога ќе убијат еден непријател. Со самото тоа колку повеќе точки имал, толку повеќе бил угледен воинот.

Конквистадори од Чукотка

Кога Русите го колонизирале Чукотскиот полуостров на него живееле десетина илјади домородци поделени во кланови. Овие кланови често меѓусебно се судирале поради ирвасите и териториите. Руски колонизатори имало многу помалку. Таму имало неколку стотини козаци, останатите биле Јукагири, Корјаци, Евени и други народи кои живееле во непријателски однос со Чукчите. Тие биле главната сила во борбата против „вистинските луѓе“. За волја на вистината, во практика од нив немало многу корист. Сите панично се плашеле од Чукчите и често бегале од бојните полиња пред да започне борбата.

Анадриската тврдина

Главното упориште на колонизаторите била Анадирската тврдина, подигната во 1652 година со учество на Семјон Дежњов. Полни седумдесет години оваа тврдина била единственото место каде козаците можеле да се чувствуваат релативно безбедно. За тоа време Чукчите непрекинато ги напаѓале неканетите гости. На крајот ова им здодеало на властите во Санкт Петербург.

Била организирана голема воена кампања што ја предводел козачкиот атаман Атанасиј Шестаков. Од него се барало да ги заземе Чукотка, Камчатка и брегот на Охотското море. Како помошник му бил доделен капетанот Дмитриј Павлуцки. Командирите имале задача да ги обединат силите и да ги соборат Чукчите. Меѓутоа, и Шестаков и Павлуцки биле силни личности и не можеле да се обединат, па во 1729 година на Чукотка тргнале секој по својот пат.

Атаманот Шестаков една година подоцна паднал во заседа и загинал. Павлуцки го дознал ова дури неколку месеци подоцна, кога заедно со Корјаците веќе имал уништено неколку одреди на Чукчите и успеал да го пронајде нивното привремено престојувалиште. Раководејќи се според наредбата од Петербург, Дмитриј Иванович бил максимално суров кон домородците. Козаците и Корјаците немале милост кон никој, оставајќи зад себе само пепел. Чукчите биле под толку силно влијание, што неговиот прекар Јакунин за нив станал симбол за најлудиот непријател.

Меѓу другото, овој судир се одразил и во чукотските приказни што ги има запишано етнографот Владимир Богораз. Во нив Јакунин е најбруталниот непријател. Опишан е како седокос старец со метален оклоп и оружје. Јакунин задолжително бил убиван на крајот во сите приказни во кои се споменува. Постојат две верзии за неговото потекло. Според едната тој е одраз на општата претстава за козаците, според друга тоа е Павлуцки во целост.

Дмитриј Иванович не успеал да ја доврши својата крвава работа. Унапреден е во чин мајор и префрлен во Јакутск. Судирите помеѓу колонизаторите и Чукчите привремено спласнале. Некои кланови дури и плаќале данок. Но, примирјето не потрајало. Стравот од Павлуцки со текот на времето изветреал, па Чукчите во четириесеттите години од 18 век почнале да ги напаѓаат соседните племиња и колонизаторите кои оделе на лов. И Павлуцки се вратил сурово да ги казни непослушните домородци.

Морепловци, истражувачи на нови територии

Но, Чукчите биле подготвени и примениле лукава тактика. Ги украле ирвасите во близина на Анадирската тврдина, а потоа почекале оттаму да излезе одредот на чело со Павлуцки, па ги намамиле во замка. Дмитриј Иванович добро ја знаел нивната лукавштина и ги познавал нивните трикови, но во брзање сето тоа го заборавил. Затоа и загинал.

Сè до 1763 година имало обиди да се покорат Чукчите, но тоа не вродило со плод. Државата веќе имала потрошено 1.300.000 рубли за издржување на Анадирската мисија, а приходот од данокот бил помал од 30.000 рубли. Поради тоа била донесена разумна одлука кампањата да биде запрена. Анадирската тврдина била ликвидирана, а нејзините жители биле префрлени во други подрачја.

***

Би се рекло дека со тоа приказната за освојување на Чукотскиот полуостров е завршена, но не е така. Штом знамето на Руската империја исчезнало од ова подрачје, за него почнале да се интересираат Французите и Англичаните. Нивното присуство на полуостровот не смеело да се дозволи, па Екатерина Втора им наредила на колонизаторите да се вратат на Чукотка. Овој пат е направен обид со Чукчите да се излезе на крај, но не со сила, ами со арно.

Тоа вродило успех. Козаците и Чукчите на годишните панаѓури разменувале стока и брзо нашле заеднички јазик. За волја на вистината, домородците не плаќале данок, така што само формално биле поданици на империјата. Чукотка била присоединета значително подоцна, дури во советско време.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња