Пет животински видови кои неодамна исчезнаа во Русија

Касписки тигар, цртеж

Касписки тигар, цртеж

Helmut Diller/WWF
Не толку одамна, на Кавказ можеше да се сретне вистински тигар, а московските кинолози одгледуваа раси на работни кучиња кои денес се непознати. Зошто ги нема повеќе?
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!

Касписки тигар

Касписки тигар во зоолошката градина во Берлин, 1899.

На тигрите обично им годи џунглата и топлата клима, но на рускиот Далечен Исток живее популација на амурски тигри, кои се најсеверните и најкрупните на светот, и кои без проблем поднесуваат студ. Пред помалку од сто години, нивните браќа живееја на Кавказот и во Казахстан, како и на територијата на Турција, па дури и на западот на Кина. Касписките тигри ги нарекуваа уште и закавкаски и турански.

Тоа беа многу крупни грабливи ѕверови тешки до два тона (т.е. беа малку помали од амурските) со светлолисесто крзно. Живееја на бреговите на реките обраснати со трска. Во зима добиваа „бакенбарди“. Еден тигар во текот на денот и ноќта можеше да помине стотици километри во потрага по храна.

Териториите на кои живееја овие грабливци уште во XIX век им беа дадени на земјоделци, така што тигрите практично исчезнаа, меѓу другото и поради тоа што беа ловени.

Според некои извори, последниот тигар е виден 1958 година во Таџикистан, а според други во текот на 1970-тите во Турција. Одамна веќе се смета дека овој вид е изумрен.

Научниците во наше време докажаа дека постоело генетско сродство помеѓу далекоисточните и касписките тигри. Врз основа на тоа се размислува за обнова на нивната популација во Централна Азија.

Див кавкаски бизон

Единствената фотографија на кавкаски бизон некогаш направена.

Бизоните се древни бикови, современици на мамутот. Нивната популација била застапена со два вида - дивиот кавкаски и рамничарскиот бизон. Кавкаскиот беше малку помал, имаше потемно и кадраво крзно. Тие порано не беа реткост во европските шуми, но на почетокот на ХХ век стигнаа на работ на опстанокот поради прекумерниот лов. Сепак, рамничарскиот бизон беше спасен бидејќи имаше неколку примероци во зоолошките градини во светот.

Кавкаскиот бизон имаше помалку среќа. Тој живееше во планинските шуми на Главниот кавкаски гребен, и популацијата од деценија на деценија се намалуваше. Во средината на XIX век имало 2000 грла, а на почетокот на ХХ век само 500. Последниот див кавкаски бизон беше убиен од овчари на планината Алоус (Краснодарски крај) во 1927 година.

После тоа, во СССР остана само еден бизон, мелез од кавкаски и рамничарски. Веќе не беше можно да се обнови чистокрвната популација, но советските научници успеаја со селекција да добијат рамничарско-кавкаски бизон кој го насели еколошкиот ареал на кавкаскиот предок. Овој нов вид бизон живее од 1940-тите на слобода во Кавкаскиот резерват. Голем број бизони се приспособија на живот на 3000 метри надморска височина. Пониско се спуштаат само во постудените месеци од годината.

Кавкаски лос

Во планините живееше и кавкаскиот лос. Тоа е северно животно, но пред неколку века јужната границата на живеалиштето на лосот достигнувала до Јужен Кавказ. Кавкаскиот лос генерално бил сличен на обичниот европски лос, само малку помал. Познато е дека бил широко распространет на реката Кубан и на Кавказ, но веќе во XIX век неговата популација почнала значително да се намалува.

Што се однесува до изгледот на ова животно, за него научниците изведуваат заклучоци само според пронајдените остатоци, бидејќи на почетокот на ХХ век ловците целосно го истребиле овој вид.

Московски нуркач

По Втората светска војна, во Советскиот Сојуз имаше голем недостиг од работни кучиња, така што кинолозите работеа на создавање на нови раси. Една од нив беше московскиот нуркач, добиен во одгледувачницата „Црвена ѕвезда“.

Како основа послужи њуфаундленд, но со малку погрубо влакно (за поостра клима) и со исклучително развиена мускулатура. Најпрвин тие примероци беа вкрстувани со германски овчарки, а потоа меѓусебно.

Првите московски нуркачи беа прикажани на изложба на кучиња во 1955 година, но не се покажаа како работни кучиња. На пример, едно време постоеше план да се користат за спасување во вода, но кучињата ги напаѓаа луѓето наместо да ги спасуваат. Одгледувањето на новата раса беше официјално напуштено во 1979 година, бидејќи таа не беше меѓународно признаена. Пред крајот на советскиот период овие кучиња се одгледуваа само во аматерски одгледувачници. Денес, судејќи според сé, повеќе нема живи примероци на московскиот нуркач.

Московска дога

Фотографија од прирачник за одгледување кучиња

Московската дога е исто така исчезната раса. И таа беше одгледувана како работна линија. Догите беа вкрстувани со источноевропските овчарки, така што московската дога ја наследи лисестата боја од догата и клинестиот облик на главата од овчарката. Советските кинолози во 1960 година го дефинираа стандардот на новата раса.  

Во книгата „Прирачник за одгледување кучиња“ од 1960 година, авторите П. А. Заводчиков, В. В. Курбатов, А. П. Мазовер и В. П. Назаров го опишуваат стандардот на московската дога со фотографија на претставник на расата: висина најмалку 65 см, масивен скелет, развиена мускулатура, густо крзно, лисеста боја на влакното со црна маска. На одгледувачите, сепак, не им појде од рака да добијат стабилна раса бидејќи во секое легло имаше многу варијации. Така, московската дога со текот на времето беше препуштена на заборав.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња