Руски затвори: Кастите и сталежите на робијашите

TASS
Постојат касти во кои е навистина тешко да се влезе, а има и такви од кои е апсолутно невозможно да се излезе.

1. Воры в Законе („Крадци по закон“)

Воры в Законе („Крадци по закон“) се нарекуваат уште и „законники“ (законици). Тоа се кралови на подземјето, главни фаци во светот на криминалот. Оваа група „главучи“ ги контролираат поголемиот дел бандитски кругови, како по затворите, така и надвор од нив. Припадниците на оваа секта имаат многу заеднички работи.

На пример, човек која сака да биде „посветен“ кај крадците по закон мораат пред сѐ да уживаат неприкосновен авторитет во бандитските кругови, повеќе пати да има лежено во затвор и да покажува апсолутна омраза кон каква и да е соработка со која било од државните правосудни структури.

„Закониците“ го почитуваат строгиот кодекс на однесување, таканаречен „крадачки закон“. Неговите главни припадници се лојални на бандитските идеи и за нив е невозможна каква било соработка со правосудните органи во кој било вид, па дури и со управата на затворите.

Кога ќе дојдат во „зоната“ (а, „зона“ во бандитскиот жаргон значи строг затвор), тие таму го контролираат „общак“ („обшчак“), односно заедничките резерви на готовина кој се „собира“ од криминалните дејствија. Покрај тоа, воспоставуваат сопствени правила на однесување и ги решаваат сите проблеми и конфликти во согласност со општите бандитски правила кои во криминачниот жаргон се нарекуваат „понятия“ (сфаќања, поими). Тој потекнува од првите години на постсоветскиот период кога не се однесувал исклучиво на светот на криминалот.

2. Блатные (привилегиран)

По крадците по закон следи групата „блатные“. Тие исто се „крадци“, но оваа каста е малку поинаква. Во бандитската хиерархија тие се веднаш под највискоката каста. Оваа група го контролира законот во самата „зона“, односно затворскиот живот во согласност со непишаните бандитски правила. Но, со оглед на тоа што власта во затворот официјално припаѓа на затворската управа, влијанието на оваа каста е често ограничено поради правилата кои им забрануваат да соработуваат со истата таа управа.

Оваа каста ја сочинуваат професионални криминалци. Затвореник кој претходно служел во полицијата или во сферата на услугите (таксист, келнер итн.) не може да стане член на „блатните“.

Во „зоната“ каде оваа каста има власт, нејзините членови одговараат за „общак“ (заедничките пари), а исто така ги снабдуваат затворениците со чај, со цигари и со намирници. Покрај тоа тие арбитрираат во конфликтите меѓу затворениците, раководејќи се од веќе споменатите правила „поњатија“.

„Блатные“ самите себеси не се нарекуваат така. Тие за себе велат дека се „арестанты“ (затвореници) или „бродяги“ (талкачи).

3. Мужики (обични затвореници)

„Мужики“ се најбројната каста во рускиот затворски систем. За разлика од „блатните“ овие луѓе не се професионални криминалци, ниту, пак, се чести гости во затворите. Членовите на оваа каста обично доаѓаат во затвор поради едно кривично дело и по излегувањето од затвор планираат да се вратат во нормалниот живот. „Мужиките“ во поголемиот дел не соработуваат со затворската управа, но не учествуваат ниту во одлучувањето по непишаните правила. Тие молчат и работат и се надеваат дека по излегувањето никогаш повеќе нема да се вратат на ова место.

4. Активисты, козлы, суки (активисти, јарци, кучки)

На затворениците од овој социјален сталеж им даваат разни прекари. Овие луѓе со задоволство се согласуваат на соработка со надзорниците, а често и самите извршуваат некаква административна служба во затворот.

Останатите касти ги мразат. Во затворите каде е на сила „крадечкиот закон“ овие затвореници можат да бидат одвоени од останатите и на тој начин да бидат заштитени од многубројните крвави конфликти и од одмаздите.

Од друга страна, во затворите каде управата во целост ја контролира ситуацијата со сурово казнување на секое почитување на „крадечкиот закон“, овие „активисти“ се прилично безбедни и привилегирани, и често надзорниците ги почитуваат и им прават некакви услуги.

Прекарот „козёл“ (јарец) е резервиран за оние што ги исполнуваат своите обврски на поверена затворска должност. Меѓутоа, ако затвореникот се труди да соработува со управата со цел да извлече некаква корист, тој може да биде сигурен дека владејачката каста ќе го деградира во звањето „сука“ (кучка).

5. Петухи, опущенные

„Петухи“ (петли) се познати и како „опущенные“ (понижени, деградирани). Ова е најниската затворска каста. Често се изолирани од останатите затвореници, имаат сопствен есцајг (често обележен со дупка) и специфично место за постела (обично покрај ве-це школката). На останатите затвореници им е забрането да ги допираат или од нив да земаат храна или цигари, зашто во спротивно и самите ќе бидат „деградирани“ во звањето „петел“, дури и ако случајно го прекршат непишаното правило.

„Деградираните“ и самите треба да се држат настрана од останатите затворски касти и да застанат покрај ѕидот кога тие минуваат. На „петлите“ обично им се доверува целата валкана работа во затворот, на пример чистење на тоалетите и слично.

Меѓу „деградираните“ доаѓаат и оние кои имаат направено сериозен прекршок, било да е та во „зоната“ (на пример, не вратил долг или украл нешто од некој друг затвореник), или „надвор“. На пример, хомосексуалците автоматски се вбројуваат во оваа категорија. Тоа може да биде и затвореник кој допуштил да му биде нанесена неправда и не барал одмазда, или некој што нечесно постапил со друг затвореник, а не можел да се оправда на „суд“ пред „блатните“ или пред другите „високопоставени“.

6. Шестёрки, шерстяные, черти, чушки, крысы, мусора и др.

Покрај основните касти руската затворска хиерархија има и помалку познати и не толку бројни групи кои можат да се најдат во затворите ширум Русија.

„Шестёрки“ (шестки) се затвореници кои се принудени да им служат на припадниците на кастата привилегирани („блатные“). „Шерстяные“ (волнени) често имаат задача да ги координираат нападите врз други затвореници и нивно претепување, обично според инструкции од управата. „Черти“ (ѓаволи) одработуваат различни валкани работи за други затвореници и за тоа добиваат пари. „Крысы“ (стаорци) се доушници. Зборот „мусора“ е колоквијален облик на множина од зборот „мусор“ (ѓубре), што е жаргонски израз за полицаец. На оваа каста ѝ припаѓаат поранешни полицајци кога ќе заглават во затвор.

Тука дознајте кои беа руските мафијашки босови, таканаречените „криминалци во законот“. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња