Руска филмска екипа прва на светот сними кадри во вселената и се врати на Земјата (ФОТОГРАФИИ)

Сергей Савостьянов/TASS
Дванаесет работни денови и дванаесет непроспиени ноќи. Филмската екипа на првиот во светот игран филм снимен на Меѓународната вселенска станица се врати на Земјата!

Капакот на апаратот за спуштање е отворен, спасувачите и соработниците на копнените служби ѝ помагаат на актерката Јулија Пересилд да излезе од капсулата. На седиштето до неа е расположениот режисер Клим Шипенко. Лекарите му ги мерат притисокот и пулсот. Недалеку од него истата постапка ја поминува космонаутот Олег Новицки. И додека за Новицки ова е трето враќање на Земјата, Пересилд и Шипенко беа првпат во вселената. Згора на тоа, тие се првиот режисер и актерка што отишле во земјината орбита. Филмската екипа на првиот во светот игран филм сниман на Меѓународната вселенска станица се врати на Земјата на 17 октомври по 12 дена поминати во вселената.

„Малку сум тажна денес. Се чини дека 12 дена воопшто не се малку, а кога сé ќе се заврши, сакате да трае подолго“, рече Пересилд.

Пересилд и Шипенко полетаа во вселената на 5 октомври во друштво на космонаутот Антон Шкаплеров по четиримесечни подготовки. Тие го снимаа играниот филм „Предизвик“, заеднички проект на „Роскосмос“, „Прв канал“ и продуцентската куќа Yellow, Black and White. „Предизвик“ е филмска приказна за докторка која лета во орбитата за да му го спаси животот на космонаут.

„Филмскиот екипаж“ се прости од соработниците на Меѓународната вселенска станица на 17 октомври и го затвори капакот на бродот кратко по полноќ. „Сојуз МС-18“ се одвои од станицата во 4 часот и 14 минути по московско време. Веќе во 7 часот и 35 минути модулот на бродот се приземји во Казахстан, 148 километри од градот Жезказган.

Екипажот го пречекаа спасувачите, како и првиот човек на „Роскосмос“ Дмитриј Рогозин и генералниот директор на „Прв канал“ Константин Ернст.

Рогозин изјави дека слетувањето поминало одлично, дека екипажот се чувствува добро и истакна дека бродот не паднал на страна, што често се случува при слетување. По лекарскиот преглед, членовите на екипажот добија сок од бреза.

„Лудо сум среќен што слетавме“, изјави Клим Шипенко. „Уживавме како на ролеркостер, имам впечаток. Плазма, сé гори... Всушност, беше забавно и предизвикувачки. Кога се отвори падобранот, почна да се тресе малку, но, сепак, се чувствувавме како да се возиме во добар забавен парк“.

Клим Шипенко

Слетувањето остави силен впечаток и врз Јулија Пересилд.

„Кога се отвора падобранот, капсулата се врти така. А уште и сето тоа оптоварување. Сето тоа го тестиравме на себе, но тоа е нешто сосема друго. Едно е кога сето тоа ќе го почувствувате на симулаторите, а друго е кога во стварност ќе сфатиш дека ти се случува токму тебе. Низ прозорецот веќе гледаш како гори капсулата во која леташ“, рече актерката.

Јулија Пересилд

Според неа, на почетокот, по полетувањето, не се чувствувала добро.

„Како организмот всушност да не разбира сé уште што се случува. Тоа е како состојба спротивна на бестежинската. Додека во бестежинска состојба се чувствуваш како пердув, овде сé е тешко, главата ти е многу тешка, рацете, нозете, сé се врти малку“, рече актерката во интервју за РТ.

Беше предвидено тимот да сними 35 до 40 минути филм. Генералниот директор на „Прв канал“ Константин Ернст изјави дека екипажот реализирал 120 проценти од планот за снимање и дека материјалот е многу филмски.

Олег Новицки

Пересилд, пак, рече дека снимањето не одело лесно. Клим Шипенко и снимал и режирал и се занимавал со светлото, а таа била шминкер, костимограф и актерка. Откри и дека членовите на филмската екипа не спиеле 12 дена, бидејќи се плашеле дека ситуацијата ќе се влоши во наредните денови и дека нема да можат да успеат да го снимат потребниот материјал.

„Сé беше на работ. Се чини дека не повеќе не можеш, но потоа вложуваш дополнителен напор - и сé излегува добро“, рече актерката.

По приземјувањето Пересилд и актерот Владимир Машков, кој учествува во снимањето на филмот, напишаа на трупот на апаратот за слетување „благодарам“ (Јулија) и „ура“ (Машков).

Во овој момент Пересилд, Шипенко и Новицки ја минуваат првата фаза на опоравување во Ѕвездениот град. За Новицки тоа ќе трае подолго, бидејќи се враќа на Земјата по 191 дена поминати во вселената. За останатите членови рехабилитацијата ќе трае околу една недела.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња