Осумте главни достигнувања на руските спортисти на Олимпијадата во Токио 2020 година

Кевин К. Кокс/Getty Images
Златен медал само три месеци по повредата, прв медал по речиси 30 години, олимписки рекорди - и тоа не е сè што успеаа да направат спортистите од рускиот олимписки тим оваа година.

1. Синхронистка со најмногу одличја на планетава

31-годишната Светлана Ромашина, мајка на тригодишно девојче и 21-кратен светски шампион во синхронизирано пливање, на 4 август 2021 година го собори сопствениот рекорд и светски рекорд – за прв пат во историјата на Олимпијадата освои злато по шести пат!

На доделувањето на наградата, девојката плачеше. Според неа,  ѝ било тешко да се врати на спортот по раѓањето на ќерката. Сега Ромашина ја завршува кариерата како најуспешен синхрониист во светот.

„Мојот сопруг и детето ме чекаат дома, и јас навистина сакам второ дете. Колку и да беше комплицирана оваа година, кога останав дома како мајка, сепак сакам второ дете“, вели Ромашина во интервју за РИА Новости.

2. Првиот апсолутен шампион во пливање во историјата на СССР/Русија

24-годишниот спортист Евгениј Рилов од Оренбуршката област освои два медали истовремено – во пливање на 100 и на 200 метри. Ова е прво олимписко злато за овој спорт во историјата на Русија во последниве 25 години. Рилов постави олимписки рекорд пливајќи 200 метри за 1.53,27 минути. Коментаторите од Русија останаа без зборови за време на пливањето на Евгениј, но самиот спортист не беше задоволен од победата.

„Не пливав последните 50 метри, се изморив (...). Последните 25 метри беа критични кога сфатив дека сум парализиран, нозете ми беа толку вкочанети што едвај стоев. Нозете ми беа многу вкочанети“, рече Рилов.

На доделувањето на наградата, организаторите, без објаснување за причините, му забранија на Рилов да излезе со својата среќна маска со муцка од мачка, која ја носеше на сите негови пливања.

„Плачам. Не ми дозволија да излезам со маската со мачето“, се пожали олимпискиот шампион.

3. Прва победа во историјата на руските гимнастичари во повеќебој

Руските гимнастичарки и претходно имаат победувано во повеќебој, но потоа златото му припадна на Обединетиот тим на спортисти од поранешните советски републики. Ова се случи во 1992 година – пред 29 години.

Во 2021 година, руските спортисти го освоија златото за прв пат. Во тимот се претставија Викторија Листунова, Лилија Ахајмова, Ангелина Мелникова и Владислава Уразова.

4. Прва победа на руските гимнастичари по 25 години

Долгоочекуваната победа во машката екипа во повеќебој ја донесоа гимнастичарите. Во тимот ги видовме Никита Нагорни, Артур Далалојан, Давид Бељавски, Денис Абљазин, Александар Карцев и Владислав Пољашов.

Особено беше тешко за 25-годишниот Артур Далалојан, кој ја скина ахиловата тетива три месеци пред почетокот на Олимпијадата.

„(...) колку повеќе ќе дозволите да ве гризе, толку повеќе ќе ве јаде. Секој има проблеми во својот живот и нашето тело не е од железо. (...) По операцијата, кога ми ја сошија тетива – следниот ден, кога излегов од анестезија, веднаш започнав со работа“, рече Далалојан.

5. Олимписки рекорд во стрелање со пиштол

Уште еден олимписки рекорд постави веселата стрелачка со медалјон од серијата книги, игри и серијата „Вештер“ – 24-годишната Виталина Бацарашкина.

Самоуверено ја држеше едната рака во џебот и го освои златото со пиштол со мал калибар на растојание од 25 метри. Во исто време, таа постави олимписки рекорд, освојувајќи 38 поени.

Развивачите на серијата игри „Вештер“, CD Projekt Red, исто така, ѝ ја честитаа победата на „вештерката“ од „Токио 2020“, а во нејзиниот роден град ја поздрави руски хор со песната од серијата со истиот назив „Toss a coin to your witcher“.

6. Сребро во машкиот тенис

Да, среброто во тенис е важно достигнување за рускиот тим, бидејќи руските тенисери не стигнале до финалето на олимписки турнир од 2000 година. Тогаш тоа беше првото и последното руско злато во целата историја на Олимпијадата, освоено од Евгениј Кафељников во натпреварот против Томи Хас од Германија.

Сребрениот медал го освои 25-годишниот тенисер Карен Хачанов од Москва. Тој загуби од Германецот со руско потекло Александар Зверев со резултат 6:3, 6:1.

„Во секој случај, Олимпијадата е успешен турнир за мене, успешен турнир за земјата. Многу сум среќен што дојдов во Токио. Се разбира, апетитот доаѓа со јадење. Тешко е да се остане на чекор од златото. Има трага од пораз, сега сум разочаран. Но, тоа е дел од спортот, тоа е нормална реакција. Не треба да губите и да кажувате: „Во ред, сè е во ред“, изјави Хачанов.

7. Првиот руски медал во стрелаштво

Друго важно сребро за Русија донесе 28-годишната стрелачка од Камчатскиот регион, Елена Осипова. За рускиот тим, ова е прв женски медал по 29 години од индивидуалните натпревари во стрелаштво. Според самата Осипова, таа имала можност да го освои златото, но во финалето изгуби од Корејката Ан-Сан.

„Моето срце чукаше во решавачкиот удар, па не погодив како што сакав. Но, генерално, можеби немаше да стигнам толку далеку. Утнав малку. Нема што да се прави. Во нашиот спорт, еден пропуст може да доведе до пораз, а успешен удар – до победа“, рече Осипова во интервју за весникот „Известија“.

Осипова исто така освои сребро во тимското првенство – за неа тоа е поважно од индивидуално, рече таа.

8. Прво и единствено олимписко злато во лесна атлетика

Го освои Марија Ласицкене, 28-годишна спортистка во скокови во височина од Кабардино-Балкарија. Трикратната светска шампионка можеше да освои медал уште во 2016 година, но таа и другите спортисти не беа примени на Игрите поради скандалот со допинг. Во 2019 година, од истата причина, девојката не стигна до турнирот во Глазгов под неутрално знаме.

Но, тоа не е крај на неуспесите на Марија: во мај 2021 година, два месеци пред Олимпијадата, таа се здоби со повреда на задниот дел од бутот за време на тренинг и го пропушти руското атлетско првенство во Чебоксари.

Во 2021 година, Марија не прескокна над два метри, а нејзиниот главен противник Јарослава Магучих од Украина скокна 2,03 и важеше за фаворит. Но, во финалето, Марија ги надмина сопствените очекувања и скокна 2,04, надминувајќи ги резултатите на Магучич и на Австралијката Никола Мекдермот.

„Третиот обид е секогаш сè, веќе имаше мисли како: Како стигна овде и какво право имаш да бидеш овде?!. Не се сеќавам на ништо, воопшто на ништо. Магла. Гледав напред и Господи, помогни!. Главно е расположението што треба да го имам пред секој скок“, се сеќава Марија.

Прочитајте исто така: „Златни“ стрелци и пливачи, неверојатни мечувалки и други руски шампиони на Олимпијадата во Токио

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња