Јакутија гори цело лето! Што всушност се случува? (ФОТОГРАФИИ И ВИДЕО)

AP
Изгореа повеќе од милион хектари шума, градовите тонат во чад, а последиците достигнаа до северот на Соединетите Американски Држави. Ви ги пренесуваме најважните факти за еколошката катастрофа и сведоштвата од социјалните мрежи.

Јакутија е регион кој зафаќа една петтина од цела Русија - и гори повторно ова лето. Областа на шумски пожари веќе надмина 1,3 милиони хектари, пожарот се шири во шумите од средината на мај. Пожарите се толку големи што можат да се видат од вселената. Постојат над 200 жаришта. Кон крајот на јули, пожарот се прошири на населените места, небото беше со портокалова боја, а Јакутск, регионалниот главен град каде живее третина од населението, беше зафатен со чад. Концентрацијата на честички од прав во воздухот е 15-30 пати над дозволената.

Пожарите од големи размери се традиционални за регионот, чија област е речиси целосно покриена со густи шуми. Но, според научниците, во последниве три години тие достигнаа неверојатни размери што веќе ја загрозуваат целата одржливост на екосистемот: ослободувањето на големи количества гасови го забрзува глобалното затоплување, огнот го загрева вечниот мраз.

Ова лето во Русија беа забележани рекордни температури. За централните региони на Република Саха (Јакутија), јуни беше најжешкиот и најсувиот во последните 133 години. Како и минатата година, пожарите избувнаа поради ненормалната топлина и сушите. Но, и покрај нивното природно потекло, локалното население ги обвинува владините службеници. Една од главните критики е дека премногу малку од овие пожари се изгаснати - повеќето се оставени да изгорат.

Гаснењето е „економски неоправдано“

Големината на републиката е над 3 милиони квадратни километри, повеќе од онаа на Аргентина. Огромните растојанија и малата густина на население се причина голем дел од шумите на Јакутија да се сметаат за т.н. „контролирана област“ - тешко достапни, оддалечени области каде гаснењето пожари се смета за економски непрактично.

Но, по пожарите во Сибир во 2019 година, руските власти одлучија да ги ревидираат законите за „контролираните области“. Во некои региони тие беа значително намалени, а во други како што се Тјумен и Свердловск беа целосно елиминирани. Но, сепак во Јакутија тие останаа речиси во исти размери. И во 2020 година, во позадина на слична ситуација, регионалниот лидер Ајсен Николаев вети дека ќе ги намали областите каде шумските пожари не се гаснат. Но, тоа никогаш не се случи.

Наместо тоа, во јуни 2021 година, регионалните власти беа јавно обвинети за потценување на бројот на пожари и површината зафатена со пожари: некои податоци за мониторинг на просторот се разликуваа 40 пати од оние на официјалните лица на Јакутија. Министерството за екологија на Јакутија наведува недоволно финансирање за да им се исплати. Сега буџетот на Јакутија е утврден на само 6 рубли и 90 копејки (0,08 евра) за отплата на еден хектар, иако во просек за Русија за овие цели федералната влада одвојува 199 рубли (2,27 евра) по хектар.

Очајни, самите луѓе на Јакутија започнаа да пишуваат на Инстаграм-профилот на Федералниот министер за природни ресурси и екологија Александар Козлов со барање да направат нешто за Јакутија која „гори цело лето и сите се загрижени“. Неколку илјади коментари за пожарите во Јакутија се појавија под неговите објави на други теми. Министерот тогаш одговори дека ги прочитал сите коментари, но засега природата е посилна.

„Ги концентрираме во нашата република слободните сили за гаснење шумски пожари од целата земја. Се обидуваме да ја стабилизираме ситуацијата, но огнот засега победува. Покрај тоа и прогнозите за пожарите во јули се лоши“.

Фотографии и видеоснимки од жителите на Јакутск

Амфибиски авиони и речиси 3.000 луѓе се испратени од Министерството за вонредни ситуации, воени пилоти и речиси 400 единици опрема сега пристигнаа во републиката. Групи волонтери работат со нив, кои не се само возрасни мажи и жени, ами според видеата од очевидци на мрежите, дури и тинејџери. Воведена е вонредна состојба во регионот.

„Огнот е толку раширен што секоја елиминација на огништето завршува со негов чекор напред на друго место. Но, ние сторивме сè што можевме. Спиевме неколку минути кога имавме можност. На земја и во чад директно со респиратори. Инаку, нема начин. Очите ни беа на сите отечени од чад“, вели еден член на самоорганизирана група.

Жителите се борат со огнот со лопати и ранци, каде ставаат канти со вода. Копаат ровови, го пресекуваат огнот. На социјалните мрежи, активистите пишуваат: „Момци, ова е целосен хорор. Чизмите ни се топат! Жителите гаснат оган, дишат чад, се борат со огнот за да не ги запалат нивните домови и целиот нивен имот, се води вистинска војна!“

Координаторот на Сојузот на волонтери на Русија Дмитриј Купријанов, кој моментално е во Јакутија, потврдува: „Да, недостасуваат опрема, а исто така и луѓе“.

Оган на сите страни

„Моите родители, моите роднини, сè уште живеат таму. Се радуваа на дождот пред неколку дена, но дури и тоа не помогна. Дај Боже да заврши овој кошмар до зима, тоа се случува секоја година, но не во олкави размери. Луѓето во селата и малите градови едноставно се отсечени. Живо срање“.

Гори, меѓу другото, и Националниот парк Ленски столбови, кое се наоѓа на Списокот на светско наследство на УНЕСКО.

Поради густиот чад „налик на млеко“, аеродромот во Јакутск ги затвори вратите. Од истата причина, ограничено е движењето на бродовите на реката Лена.

Според информациите на IQAir, загадувањето на воздухот во Јакутск е 139 пати поголемо од пропишаните параметри на Светската здравствена организација.

Јакутск

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња