Apple watch, станови или јајца – што сè може да се добие за вакцинација во Русија?

Сергеј Савостијанов/TASS
Русија ја зафати кампања која повикува, поттикнува и ги мами луѓето на вакцинација. „Коронавирусна“ лотарија, награди и попусти се нудат во речиси сите региони. Дознајте што и каде може да се добие за вакцинирање.

Иако на располагање имаат дури три руски вакцини, жителите на Русија до неодамна неволно се решаваа на вакцинација против КОВИД-19. Кон крајот на април беше комплетно вакцинирани само 4% од жителите. Меѓутоа, во двата последни месеци овој показател постигна 13%, што сепак не го задоволува планот на власта до есен да вакцинира 60% од жителите и да формира колективен имунитет.

„Очигледно нема да успееме да вакцинираме 60%. Можеме да видиме дека дури оваа недела помалку-повеќе започна да расте бројот на заинтересирани за вакцинација“, рече на 29 јуни портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков. Овој пораст има врска со двете новововедени мери: новите ограничувања поради третиот бран (каде спаѓаат и кју-ар кодовите за посета на ресторани) и незапаметената кампања за вакцинација.

Пет автомобили секоја недела

Додека во првиот пункт за вакцинација надвор од медицинската установа (кој беше отворен на Црвениот плоштад, во трговскиот центар ГУМ) како пријатен бонус луѓето по вакцинацијата добиваа бесплатен сладолед, денес се делат поимпресивни награди. Најпрво московската влада им вети на сите московјани постари од 60 години промотивен код во вредност од 1.000 рубли за купување во аптеките, а сега во игра на среќа нуди автомобил од марката Рено. Во лотаријата можат да учествуваат сите оние што се постари од 18 години кои ја имаат примено првата доза од вакцината од 14 јуни до 11 јули.

„Се доделуваат 20 автомобили, секој од нив вреден околу еден милион рубли (13.400 американски долари). Секоја недела ќе се извлекуваат добитници на пет автомобили“, се наведува на сајтот на градоначалникот на Москва. Тука исто така се потсетува дека во Москва има над 100 пункта за вакцинација. „Ги има во сите делови на градот, а се примаат луѓе и со и без закажување, како повеќе ви одговара“.

Станови

Додека во престолнината се делат автомобили, во Московската област награда се станови. Првата добивка, трособен стан од 75 квадратни метри, веќе е доделена, и сега вакцинираните можат да се надеваат на еднособен стан на 24 кат кој е комплетно уреден со опремена бања. Сè што е потребно е да се кликне на банерот на акцијата на регионалниот портал за Државни услуги и да се регистрираат. Главни услови е да се вакцинирани со прва доза од која било руска вакцина: „Спутник V“ , „ЕпиВакКорона“ или „КовиВак“.

Пари, слободни денови, гаџети

Руските компании исто така организираат сопствени наградни игри и луѓето ги мотивираат парично откако во Москва и во дел од регионите беше воведена задолжителна вакцинација кај 60% од вработените во сферата на услугите, на трговијата и слично. На пример, московскиот синџир фитнес-клубови „Оринџ фитнес“ на своите вработени кои се вакцинирале им даваат можност на лотарија да освојат Apple watch, во синџирот супермаркети „Азбука вкуса“ решија да се понудат платени слободни денови кога некој прима вакцина, а каршеринг-компанијата „Делимобил“ на сите им дава 70% попуст на возење низ Москва до еден од пунктовите за вакцинирање.

Производителот на патнички автомобили „АвтоВАЗ“ им вети на работниците по 1.5 илјади рубли (20 американски долари) за вакцинација; во компанијата работат 35 илјади луѓе, а овој бонус можат да го добијат и оние кои се веќе вакцинирани.

Пари на вакцинираните соработници им дава и државниот медиумски холдинг Russia Today (RT) и тоа по 57.500 рубли (770 американски долари) на секој соработник кој се вакцинирал до 10 јули. Вработените кои веќе прележале КОВИД и имаат антитела исто така ќе добијат пари, дури и ако се вакцинираат подоцна. „Особено истакнувам дека сите пари се делат од комерцијални, односно од самостојно заработени средства“, напиша на својот профил на Телеграм главната уредничка на RT Маргарита Симоњан.

Јајца и смартфони

Во многу региони од земјата се организираат локални кампањи. Во Јамало-Ненецкиот автономен округ во наградната игра можат да се освојат смартфони Apple watch, велосипеди, слушалки, смарт-часовници, додека вакцинираните жители на Тољати можат на лотарија да освојат 75 илјади рубли (1.000 американски долари).

Во Тулската област се добиваат слободни денови и се нудат купони за бесплатни оброци во фабричките мензи. Оние што се вакцинирале можат да добијат бесплатни билети за концерти, за претстави, за изложби, како и за фудбалски натпревари на локалниот тим.

По илјада рубли (13 американски долари) добиваат жителите на Магаданската област постари од 60 години. Двојно повеќе им се дели на чукотските пензионери доколку пополнат пријава, а пензионерите од Хабаровскиот крај два дена за вакцина добиваа по десет јајца.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња