„Ние сме една од највлијателните лаборатории во Русија. Ви нудиме потврди и за антитела и за тоа дека сте вакцинирани против КОВИД-19. Потврдите ги регистрираме во државните услуги (главен руски портал за давање административни услуги како што се закажување кај лекар или плаќање данок – заб. ред.), сите проверки се можни“, ми објаснува човекот кој се претстави како Дмитриј.
Тој се пријави на мојот профил на Инстаграм, на неговиот профил стои едноставен наслов „Информации“ и неколку постови со основните податоци за коронавирусот.
Преку телефон ми понуди да купам потврда за вакцинација без да примам вакцина за 1.900 рубли (26.2 американски долари), според него „тоа денес е мошне актуелно“.
Од 1 до 24 јуни 2021 бројот на заболени од коронавирусот во Русија порасна од 9.5 илјади на 20 илјади дневно, што значи дека бројот на заболени е повеќе од двојно зголемен. Во втората половина на јуни во Москва и во низа други региони се воведени построги рестриктивни мерки за невакцинираните. На пример, во Москва и во уште 11 региони воведена е задолжителна вакцинација за вработените во продавниците, во кафулињата и рестораните, во салоните за убавина, во хотелите, во болниците и поликлиниките, за вработените во јавниот сообраќај, за куририте и слично. Оние што одбија да се вакцинираат се отстранети од работа без добивање плата.
Исто така, во Москва од 28 јуни рестораните и кафулињата можат да го посетуваат само оние кои се вакцинирани против коронавирусот и имаат сертификат со Кју-Ар-код, оние кои имаат прележано КОВИД0-19 во последните шест месеци (и кои исто така поседуваат Кју-Ар-код), како и луѓе со негативен ПЦР тест кој важи три дена. Во Подмосковје истите правила важат за гостите на хотелите. Во Башкоторстан без потврда луѓето нема да можат да одат во салони за убавина, во фитнес-центри, во бањи, студентски домови, како и во меѓуградски автобуси. Ограничувањата се однесуваат и на посетителите на Краснодарскиот крај. Од 1 јули во хотелите нема да се примаат туристи без Кју-Ар-код или без негативни ПЦР тестови.
Во контекст на новите ограничувања на Телеграм и на Инстаграм започнаа да се појавуваат понуди за продажба на потврди за вакцинација со Кју-Ар-код без да се оди во клиника. Не постои гаранција дека Кју-Ар-кодот ќе функционира, но некои Руси попрво би набавиле лажна потврда, одошто да се вакцинираат.
Понудите за набавка на потврди најчесто можат да се најдат доколку во пребарувачот се напише „КОВИД справки“. Телеграм веднаш нуди неколку канали и четови во кои се објавени огласи со иста содржина: потврдата се добива за 15 минути, документот се испраќа во ПДФ-фајл со „вистински“ Кју-Ар-код и регистрација преку порталот за државни услуги, можен е превод на англиски јазик, а доколку документот го нарачаат три или повеќе лица се добива попуст од 15%. Цените се движат од 2.5 до 20 илјади рубли (34.5 до 276.5 американски долари). Под објавите се наведуваат линкови кон различни профили на месинџер, сите тие се без телефонски број и име, имаат само корисничко име.
За време на преписката анонимниот продавач бара да го наведете името, татковото име и презимето, датумот на раѓање, адресата на живеење, како и серијата и бројот на личната карта за пополнување на потврдата. 15 минути подоцна ви испраќа фотографија со пополнета пријава и воден жиг кој ќе биде отстранет по уплатата на електронската смета. За ваше „спокојство“ еден од профилите ви испраќа линк на уште еден канал со скриншот од позитивни реакции на непознати корисници со кои не можете да контактирате.
„Тоа може да наштети на нивната и на нашата безбедност. Доколку сте загрижени, постои и можност за плаќање 50% сега, а 50% по проверката на сајтот на државните услуги. Ќе напишеме дека првата вакцина сте ја примиле во петтата градска поликлиника, а втората во 220 поликлиника, таму имаме свои соработници“, напиша еден од анонимните продавачи.
Профилите за продажба на потврди на Инстаграм функционираат на ист начин, но претходноспоменатиот Дмитриј ми се јави преку телефон и се претстави како соработник на лабораторијата на медицинскиот центар во Коломенскиот реон на Москва. Според него, други соработници од лабораторијата лично ги изработуваат потврдите за секој клиент и ги уфрлаат информациите во регистар, а ампулата со вакцината ја уништуваат. Потоа добивате упатство за уплата: адреса на клиниката, ПИБ и број на сметка.
Адресата на клиниката е точно наведена, но ПИБ-от и сметката се во сопственост на извесен Денис Евдокименко. Доколку се верува на базата за проверка на стопанските субјекти RusProfile, во септември 2020 година тој се регистрирал како индивидуален стопанственик со лиценца за трговија со прехранбени производи. Бројот на телефонот исто така е регистриран на Евдокименко. Судејќи според податоците од Getcontact (руска апликација која во овозможува да видите под кое име е некој запишан во имениците на други корисници – заб. ред.), тој се води како „Денис крипта“, „Инвестициски лажго“, „Лаже пензионери“.
На прашањето кој е Евдокименко, Дмитриј веднаш ме префрла на црната листа.
Според податоците од Lenta.ru потврдите се продаваат и преку даркнет за трговија со наркотици, но авторите на огласите наведуваат дека документот нема да ја мине проверката за автентичност.
Според анкетираните руски граѓани кои сепак успеале да купат потврда за вакцинација, вистински продавачи можат да се најдат, но не на месинџер и на социјалните мрежи, ами преку познаници кои работат во градските клиники.
„Еден месец барав луѓе кои навистина работат во една московска лабораторија и издаваат потврди, една познаничка ми даде контакт. Моите податоци веднаш беа ставени на сајтот за државни услуги, за вистинска потврда платив 10 илјади рубли (138.2 американски долари). Но, и тие од 24 јуни престанаа да се занимаваат со тоа, зашто во лабораториите поставија камери“, вели 25-годишната Марина (на нејзина молба името е сменето).
Според неа, потврдата ја купила зашто се плашела од несаканите ефекти од вакцинацијата.
„Имам еден синдром, проблеми со црниот дроб. Тоа е ретка болест и не знам како вакцината во комбинација со болеста ќе реагира, лекарот исто така беше во недоумица. Не сакам да ризикувам поради наредбата на власта“, објаснува Марина.
Една друга жена од Подмосковје, Маргарита купила потврда од лабораторија на една градска поликлиника за само 1.5 илјади рубли (20.7 американски долари).
„Не верувам во квалитетот на нашите вакцини и тоа е сè. Ја купив преку познаничка која работи во клиника. Засега не ми стаса потврда, денес-утре ќе стаса. Но, затоа веќе сум регистрирани на државни услуги дека сум ја минала првата фаза на вакцинацијата, за две недели истото ќе се направи и за втората вакцина“, вели Маргарита.
Сергеј, фитнес-тренер од Москва (името е променето на негово барање) исто така потврди дека има купено потврда за вакцинација, но понатаму не сакаше ништо да коментира.
„Поради такви како вас, новинарите, овој пазар наскоро ќе биде затворен“, објасни Сергеј.
До 18 јуни правосудните органи само во Москва покренаа 24 кривични постапки за фалсификување потврди, објави „Росијскаја газета“, повикувајќи се на надлежната прес-служба.
Претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин исто така на својот Инстаграм-профил објави дека постои опасност од купување фалсификувани потврди.
„Вакцината штити, а не некаква потврда. Вештите 'бизнисмени' кои сакаат да се збогатат на пандемијата ги очекува казна <…> Целосно е јасно: неопходно е остро да се прекине нелегалниот бизнис на трговија со фалсификувани медицински документи. Тоа е обврска на правосудните органи. Но, и должност на секој да не купува лажни потврди“, пишува Володин.
Тој додаде дека одговорност за лажни потврди носат и продавачите и купувачите кои можат да ги заразат најблиските. Правникот Јуриј Капштик објаснува дека за фалсификување потврди предвидена е како административна, така и кривична одговорност.
„За фалсификување документи за вакцинација против КОВИД-19 врз основа на членот 327 од Кривичниот закон на Русија, на продавачите им се заканува ограничување на слободата до две години или затвор во траење од шест месеци, или лишување од слобода до две години“, објаснува Капштик.
На купувачот за користење лажни документи исто така му се заканува ограничување или лишување од слобода во траење од една година.
Врз основа на член 19.24 од Законот за административни прекршоци за „Фалсификување документи, печати или обрасци, нивно користење, издавање или продажба“ предвидена е казна од 30 до 50 илјади рубли (од 414.7 до 692.3 американски долари).
А, доколку сопственикот на фалсификуваната потврда не само што се разболи, ами и со својата невнимателност исто така предизвика масовно заболување, казната ќе биде уште построга, потсетува правникот.
„За тоа на човека му следува казна од 500 до 700 илјади рубли (од 6.9 до 9.6 илјади американски долари) или затворска казна во траење од две години. Ако макар едно лице поради тоа го загуби својот живот, може да му биде одземена слободата во траење од 2 до 4 години, а ако починат две или повеќе лица, во траење од 5 до 7 години“, вели Капштик.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче