Зошто возовите во московското метро доаѓаат на 90 секунди?

Sergej Kiselev/Moskva Agency
Како функционира најсигурниот и најбрз превоз во руската престолнина, што се случува ноќе во метрото и колку заработуваат возачите? Ви ги откриваме тајните на московското „подземје“!

Московското метро е едно од најубавите на светот. Стари станици украсени со мермер, со скулптури и со релјефи, потсетува на сали во некој царски дворец. Но, московјаните не го сакаат само поради убавината. Тоа е најсигурното и најбезбедното сообраќајно средство во руската престолнина. Наутро и навечер, кога автобусите и автомобилите одвај се движат низ улиците со закрчен сообраќај, милиони патници опуштено се возат под земја и ги извршуваат своите работи низ целиот град.

Колку често доаѓаат возовите во московското метро?

Московското метро дневно во просек го користат 8.5 милиони патници. За време на сообраќајниот шпиц во утринските и во вечерните часови возовите тргнуваат на секои 90 секунди. Во останатиот дел од денот доаѓаат на секои три минути. Иако, постои една линија на која тргнувањата се поретки. Тоа е делницата од станицата „Александровски сад“ до станицата „Международнаја“, но неа обично ја користат помал број луѓе.

Патем, во текот на денот во метрото можат да се видат не само патнички, ами и службени возови. Тие го забавуваат движењето на станиците, но не ги отвораат вратите и не може да се влезе во нивните вагони. Најчесто така возовите се префрлуваат во друго депо, на пример, поради поправка или бојадисување. Но, некои возови ги контролираат пругите. На пример, по Арбатско-покровската и Филевската линија се движи возот „Синергија“ кој ја проценува состојбата на пругата, на тунелите и на опремата.

До колку работи метрото во Москва?

Поголемиот број станици на метрото се отворени од 5.30 наутро до еден часот по полноќ, а некои станици, како што се „Сокол“ и „Аеропорт“ отворени се веќе во 5.20. Последните возови поаѓаат од крајните станици на своите линии во 1.03 по полноќ. Така што метрото фактички превезува парници до два часот по полноќ.

Зошто часовникот на перонот покажува кога заминал претходниот воз?

Доколку некогаш сте биле во московското метро, сигурно сте забележале огромен дигитален часовник над влезот во тунелот. Тој го покажува московското време и времето што изминало од заминувањето на претходниот воз. Многумина се прашуваат зошто треба да го знаеме тоа. Но, одговорот е едноставно. Тој часовник воопшто не е за патниците, ами за машинистите и се нарекува „интервалометар“.

„Главно сите возови се движат строго по возен ред, но во шпицот овој возен ред може малку да се измени, па поаѓањето на возовите се определува со помош на овој часовник“, вели машинистот од 2 класа Антон Халинин. „Кога ќе замине возот, овој часовник покажува 0:0“.

Антон Хлинин

Екраните кои покажуваат колку време останало до следното доаѓање на возот во Москва ги има само на некои линии и тоа од неодамна.

Антон Хлинин

Зошто возовите запираат во тунелите?

Наутро и навечер кога во метрото има многу патници, возовите понекогаш запираат во тунелите, чекајќи го својот ред. „На една линија истовремено се наоѓаат и по дваесеттина возовите, а ако возот кој оди напред доцни со поаѓањето, тогаш запираат и возовите кои се движат зад него“, објаснува Вадим Калугин, машинист од прва класа. Машинистите секогаш се подготвени за неочекувани ситуации, вели тој. На пример, патниците кои често решаваат да влезат во вагонот додека врата веќе се затвора и машинистот тогаш мора повторно да отвори, одложувајќи го тргнувањето на возот.

Вадим Калугин

А, што се случува во метрото во текот на ноќта?

„Многумина мислат дека метро затвора во еден часот по полноќ, дека чуварот става катанец и заминува дома“, вели Антон Хлинин.

„Всушност, метрото работи нон-стоп“. Возовите ја минуваат ноќта во депо или на станиците. Машинистите за тоа време имаат пауза за кусо да отспијат, едно 2-3 часа во собата за одмор. „Ноќните смени на машинистите започнуваат навечер, последното возење завршува во 2.30 по полноќ и до 5 часот наутро спиеме во собата за одмор“, објаснува машинистот од прва класа Ворку Бедасо.„Секогаш некој е дежурен, ќе отспиеш, ќе земеш чај и погачица и одиш да работиш. Организмот се навикнува и стануваме дури и без будилник“.

Ворку Бедасо

Додека возовите стојат, на линиите работат мајсторите за поправка. Тие ги проверуваат сите јазли и ги прегледуваат пругите. Во тоа време станиците се чистат и се средуваат. Во пет часот наутро машинистите се враќаат и се подготвуваат за превоз на патниците. Тие работат до околу шест и пол, кога доаѓа дневната смена.

Колку заработуваат машинистите во метро?

За да возите електричен воз, морате да имате способност за самоконтрола и за брзо реагирање во вонредни ситуации. Затоа и платата на машинистите е значително повисока од просечните московски примања. Додека идниот машинист се обучува, тој шест месеци добива стипендија во износ од 30.000 рубли (500 американски долари). Уште три месеци стажира со искусен наставник, а на крајот на обуката добива статус на помошник. „Многумина не ја завршуваат обуката. Остануваат само најупорните“, вели Вадим Калугин.

Понатаму сè зависи од самиот кандидат: доколку продолжи непрекинато да се усовршува и да полага испити, тогаш станува машинист без класа, а потоа добива 3 класа, па 2 класа и на крајот прва. Највисоката класа е инструктор-машинист. На пример, машинист од трета класа добива околу 80 илјади рубли (1.300 американски долари), а машинист од прва класа до 120 илјади (2.000 американски долари).

Антон Хлинин

Денес сите машинисти се мажи, но во советско време жените често управуваа со возовите во метрото. Една од нив, Наталија Корниенко, 30 години ги има возено возовите на Сокољническаја линија. Денес поголемиот број жени во метрото работат во службата за организација на сообраќајот на возови.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња