Авантурите на Диего Марадона во Москва 1990 година

СССР, Москва, 1/8 финале на Купот на европските шампиони (Лига на шампиони) во фудбал 1990-91. Во мечот „Спартак“ (Москва) и „Наполи“ (Италија), „Спартак“ победи со резултат 5:3 на пенали. На сликата: дуел на Диего Марадона и Борис Поздњаков (лево).

СССР, Москва, 1/8 финале на Купот на европските шампиони (Лига на шампиони) во фудбал 1990-91. Во мечот „Спартак“ (Москва) и „Наполи“ (Италија), „Спартак“ победи со резултат 5:3 на пенали. На сликата: дуел на Диего Марадона и Борис Поздњаков (лево).

Александар Јаковлев/TASS
Фудбалската легенда Диего Армандо Марадона неколку пати доаѓаше во Москва, но „најлудо“ беше неговото прво патување, уште во времето на СССР, кое за малку ќе се изјаловеше бидејќи познатиот Аргентинец задоцни на авион.

Во ноември 1990 година фудбалерите на „Наполи“ допатуваа на гости на  „Спартак“ во Москва за меч од осминафиналето на Купот на шампиони. Со најмногу нетрпение се исчекуваше аргентинскиот фудбалер Диего Марадона, кој му го донесе на Наполи второто „скудето“ во претходната сезона.

Авионот слета, но Марадона не излезе од него. Советските репортери набргу дознаа дека шампионот имал една од своите познати бессони ноќи и едноставно задоцнил на авионот. Од една страна, сите воздивнаа со олеснување, затоа што за „Спартак“ беше добро тоа што не дојде најопасниот играч, а од друга сите жалеа што нема да имаат можност да ја гледаат во живо на теренот легендата на светскиот фудбал.

Меѓутоа, два-три часа подоцна се пронесе глас дека Диего Марадона лета за СССР со приватен авион. Така и беше.

Марадона во хотелот „Берлин“, Москва.

Кога се дозна дека Диего со сопругата Клаудија ќе отседнат во хотелот „Берлин“ (денес познат како „Савој“), група љубопитни почитувачи се собра пред хотелот. Имаше само неколку репортери и еден фоторепортер, Александар Јаковлев од агенцијата ТАСС. Токму тој овековечи навистина необична глетка - Марадона во долга дебела бунда. Во таков „аутфит“ „Ел Пибе де Оро“ реши да тргне во екскурзија по Москва.

Неговиот авион слета во 23:00 во советската престолнина, 18 часа пред почетокот на натпреварот. Во 00:40 Марадона се пријави во хотелот и замоли да му донесат нешто за вечера. Но, тоа не беше можно затоа што кујната одамна беше затворена.

Требаше некако да се утеши разочараниот Диего, така што му беше понудена ексклузивна екскурзија по пустите московски улици сред ноќ во возило на милицијата (тогаш така се нарекуваше полицијата). Марадона во 02:10 часот излезе опкружен од радосните поклоници и исто толку радосните милиционери и седна во колата.

Наредниот ден беше годишнината од Октомвриската револуција (7 ноември) и на Црвениот плоштад, како и обично, се подготвуваше грандиозна парада. Милиционерите ги прекршија сите можни ограничувања, и дури и го внесоа на затворениот плоштад.

Таа вечер на 7 ноември на стадионот „Ленин“ (денес стадион „Лужники“) се играше натпреварот меѓу „Спартак“ и „Наполи“. Тренерот Албертино Бигон беше пред тешка одлука: да го внесе шампионот во игра или да го казни поради недолично однесување. Дури и во екипата на „Спартак“ настана забуна, затоа што не се знаеше дали Марадона ќе игра или не.

На некој начин сепак беше казнет, затоа што од почетокот на натпреварот седеше на клупата за резервни играчи. Но, кога во 65 минута влезе во игра, предизвика воодушевување кај повеќе од сто илјади навивачи.

Играше добро, дури имаше и два-три добри обида, но не ја погоди мрежата. Во регуларното време резултатот беше 0:0, а така беше и по продолженијата, така што победникот беше одлучен на пенали. Марадона не промаши, но тоа не беше доволно за победа над советскиот тим.

Фотографот на агенцијата ТАСС вели дека од онаа историска фотографија во бунда уште помила му е онаа што ја направил таа вечер на теренот, кога го забележа моментот во кој одбранбениот играч на „Спартак“ Борис Поздњаков го запира Марадона во многу опасен напад.

СССР, Москва, 1/8 финале на Купот на европски шампиони (Лига на шампиони) во фудбал 1990-91. Во натпреварот „Спартак“ (Москва) и „Наполи“ (Италија), „Спартак“  победи со резултат 5:3 на пенали. На сликата: дуел на Диего Марадона и Борис Поздњаков (лево).

Набргу потоа, во март 1991 година, Марадона се збогува со Италија по позитивниот тест за кокаин и „бегството“ од Неапол. Почина точно 30 години по лудата ноќ во Москва. Но, легендата за тој настан сé уште кружи, затоа што се работи за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, за познатиот Аргентинец во бунда на празниот Црвен плоштад среде празнична ноќ.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња