Русин без нозе се искачи на раце на врвот на Елбрус (ВИДЕО)

Рустам Набиев од рускиот град Уфа остана без нозе пред пет години кога се урна касарната во Омск. Тој на раце се искачи на врвот на Елбрус.

Видеоснимката од освојувањето на последните неколку метри на планинскиот врв ја објави на својата страница на „Инстаграм“.

На снимката се гледа како Набиев со помош на алат за кршење мраз се пробива до врвот метар по метар. Кога дојде до таблата со натпис Елбрус во боите на руското знаме, ги симна очилата и маската и не успевајќи да си ги задржи солзите, проговори: „Го направив тоа“.

„Успеав да го сторам тоа еве на овие раце, стигнав до врвот на Елбрус“, наведе Набиев и се заблагодари на роднините кои веруваа во него.

Под видеоснимката се извинува поради избликот на емоции. Како што наведува тој, му биле потребни 15 часа да помине 13 километри на раце.

„Со овој чин на никој друг освен себеси не сакав ништо да докажувам. Ова не е јунаштво и не е подвиг“, рече тој.

Своето искачување им го посветува на сопругата и ќерките. Како што истакнува тој, успеал да го освои врвот со титански напор.

Прочитајте повеќе! Нема предавање: Руски инвалид на „Инстаграм“ секојдневно докажува дека секогаш има излез

До рушење на касарната на школскиот центар на Воздушно-десантните сили во селото Светли во Омск дојде во јули 2015 година. Под урнатините беа пронајдени 42 лица, од кои 23 настрадани. Во болниците со повреди со различна тежина се најдоа 19 војници, од кои еден лекарите не успеаја да го спасат. Рустам Набиев заздравуваше по несреќата повеќе од година дена. Имаше 16 операции, вклучувајќи и ампутација на нозете.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња