Девојката која како четиригодишно девојче се изгуби 1999 година во Белорусија доби стан во Рјазањ

Јулија Горина
Јулија Крјукова, која како девојче се изгуби во Белорусија, го доби во Рјазањ станот што ѝ припаѓа според законот.

Девојката порасна во старателско семејство и имаше статус на дете без родителска грижа. Според законот таквите деца кога ќе станат полнолетни добиваат станови од државата. Девојката се обрати до администрацијата на градот Рјазањ со молба да ѝ доделат станбен простор, но беше одбиена.

„Обвинителството на Советскиот реон на град Рјазањ изврши проверка врз основа на жалбата на локалната жителка за кршењето на нејзините станбени права. Утврдено е дека во јуни 2018 година девојката која имала статус на сираче и дете без родителска грижа се обратила до администрацијата на град Рјазањ барајќи да ѝ биде доделен стан од специјалниот станбен фонд. Меѓутоа, барањето е одбиено поради недостиг на средства“, соопшти прес-службата на надлежниот ресор за RT.

Јавниот обвинител на реонот се обрати до Советскиот реонски суд на Рјазањ со барање да ѝ се обезбеди на девојката станбен простор. Судот позитивно одговори на барањето и Крјукова сега доби стан.  

Нејзиниот сопруг Иља Крјуков изјави за RT дека кај нив сé е во ред, дека се сместиле во новиот стан заедно со шестгодишната ќерка на Јулија.  

Претходно порталот Russia Beyond Македонија пишуваше за тоа дека девојче кое исчезнало 1999 година во Белорусија е пронајдено по 20 години во рускиот град Рјазањ.

Во октомври 1999 година четиргодишната Јулија Моисеенко и нејзиниот татко патувале со воз од едно белоруско село во друго. Таткото се напил малку повеќе алкохол и заспа. Се разбудил во крвава облека, а од ќерката ни трага. Белоруската полиција долго време го барала детето по целата земја. Мајката продолжувала да лепи слики од Јулија на сите железнички станици, но таа како да пропаднала во земја.

Истата година на железничката станица во Рјазањ, речиси 1000 км од Минск, е најдено четиригодишно девојче. Детето било во состојба да каже како се вика, дека мајка ѝ е Људа (Људмила), а татко ѝ Виктор, но не и од каде е.

„Не знаев дека сум од Белорусија. Во раката држев печат за книги од библиотека на една помала населба покрај Рјазањ. Поради тој печат никој не ни помисли дека можам да бидам од Белорусија. Мислеа дека сум од Рјазањ или некое поблиско место“, рече Јулија.

Јулија порасна во Русија, го носеше презимето на семејството што ја прими под старателство, студент е на Фармацевтскиот факултет во Рјазањ.

Во март 2019 година Јулија преку сајт за запознавање го сретнува 31-годишниот Иља Крјуков од Рјазањ. Девојката му ја раскажува својата приказна за тоа како во раното детство се изгубила во воз и се нашла во хранителско семејство. Тој одлучува да ѝ помогне да си ги пронајде родителите. На интернет нашол стара статија за исчезнато девојче во кое биле и податоците со броевите на телефоните на нејзините родители. Сите податоци се совпаднале, вклучувајќи ја и лузната на лицето.

Наредниот ден Крјуков им телефонира на можните родители на Јулија и договара средба. На 22 август Јулија првпат по речиси 20 години ги прегрнува своите биолошки родители.

На 6 септември 2019 година на една радио-станица, на која Јулија и Иља гостува и ја раскажаа својата приказна, Крјуков ја побара девојката за жена. Кон крајот на октоври веќе беа венчани.  

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња