Изгубена во 1999, најдена по 20 години

Министерство за внатрешни работи на Белорусија
Во октомври 1999 година четиригодишната Јулија Моисеенко со својот татко патувала со воз од едно до друго белоруско село. Таткото испил нешто повеќе алкохол и заспал. Се разбудил во крвава облека, а од ќерката немало ни трага. Белоруската полиција долго го барала детето низ целата земја, но оваа мистерија го добива својот среќен крај дури 20 години подоцна.

Исчезнувањето

Полицијата пред сѐ се посомневала во таткото, но анализите на трагите на неговата облека покажале дека тоа не е крвта на Јулија. Таткото не можел да се сети дали се тепал со некого, ниту какви и да се други детали.

Детето долго го барале низ целата земја, мајката продолжила да лепи фотографии на Јулија на сите железнички станици, но од неа немало ниту трага, ниту глас.

Две години подоцна семејството Моисеенко ја напуштило куќата покрај железничката станица. „Повеќе не можев да ги гледам возовите. Се преселивме во куќа далеку од пругата“, изјави во 2017 година мајката Људмила.

Печат од библиотеката

Истата година на железничката станица во Рјазањ, речиси 1.000 километри од Минск, пронајдено е четиригодишно девојче. Девојчето знаело да каже како се вика, дека мајка ѝ е Људа (Људмила), а татко ѝ Виктор, но не знаела од каде е.

„Не знаев дека сум од Белорусија. Во раката држев печат за книги од библиотека од едно мало населено место во близина на Рјазањ. Поради тој печат никој не ни помислил дека можам да бидат од Белорусија. Мислеа дека сум од Рјазањ или од некој град во близината“, вели Јулија.

Јулија Горина

Новото семејство

Ирина Алпатова работела во Рјазањ како аптекар. Нејзиниот помлад син се родил со сериозни здравствени проблеми и таа си ветила дека ќе посвои дете ако нејзиниот син преживее. Преживеал, а таа го одржала ветувањето.

„Отидов во дом за сираци и реков 'дајте ми кое било дете, јас ќе го одгледувам'. Ми ја покажаа Јулија. Не морав да бирам. Оттогаш Јулија живее со нас“, вели Ирина.

Јулија Горина

Јулија знаела дека патувала во воз со некој маж и со некоја жена, дека спиеле во напуштени згради, проселе и се криеле од полицијата. Сопатниците ја оставиле на железничката станица во Рјазањ и не била сигурна дали тоа биле нејзините родители.

Но, реалноста била поинаква. „Не престанав да ги барам. Си мислев како сега има 22 години“, вели биолошката мајка на Јулија.

Клучни зборови

Јулија израснала во Русија, го носи презимето на семејството што ја посвоило, студира на факултетот за фармација во Рјазањ и има родено дете.

Еднаш во разговор со своето момче Иљја Крјуков рекла: „Зошто никој не ме бара? Не можам да си поверувам дека никој не ме сака“. Тој, пак, станал, седнал пред компјутерот и на Гугл напишал „девојче, 4 години, исчезнато“.

Иљја Крјуков

Во истиот момент добиле безборј резултати. „Почнав да читам и сфатив колку слични случаи постојат и се расплакав“, вели Јулија.

Но, читала само за деца кои биле изгубени во Русија и веројатно користела погрешни клучни зборови. За среќа, потрагата на Иљја била поефикасна.

Средба по 20 години

Јулија и Иљја стапиле во контакт со белоруската полиција и го добиле телефонскиот број и некои фотографии од нејзините биолошки родители.

„Знаев дека полицијата ги предупредила дека ги барам, но бев нерешителна да им се јавам“, признава Јулија.

Набргу заѕвонил нејзиниот телефон. Тоа бил повик од Белорусија.

„Ми се јави една жена и ми рече дека е среќна што ме пронашле“, се сеќава Јулија на својот прв разговор со постарата сестра. „А, потоа ѝ ја даде слушалката на мајка ми. Таа плачеше и ме молеше да им се заблагодарам на родителите што ме посвоиле“.

Набргу Јулија со момчето отпатувала во Белорусија. ДНК-тестот ја потврдил роднинската врска. Јулија и понатаму живее во Рјазањ и не планира да се сели, но нејзиниот живот добил нов пресврт. Секое утро ѝ стасува порака од Белорусија: „Добро утро на нашата ќерка и на нашата внука!“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња