Како коронавирусот ги промени навиките и секојдневието на Русите

Legion Media
Благодарение на КОВИД-19 Русите имаат повеќе време за секс, за спорт и за онлајн-купување.

За многумина Руси пандемијата со коронавирусот и животниот стил на самоизолацијата беа кошмар кој од корен им ги смени животите. Меѓутоа, некои новата реалност успеаја да ја свртат во своја корист.

Секс за време на пандемија

Пандемијата со коронавирусот можеби најдрастично се одрази на социјалниот живот во Русија. Од почетокот на карантинот во Москва и во другите руски градови кон крајот на март 2020 луѓето значително ги намалија социјалните интеракции со пријателите, со роднините, со колегите и со познаниците.

Според националната анкета, пролетта 2020 година, кога вирусот се ширеше низ земјата, 84% од Русите се одрекоа од гледање со пријателите, 80% престанаа да одат на куси прошетки, а 69% повеќе не ги посетуваа постарите роднини.

Иако оттогаш таканаречената самоизолација која ја воведоа властите во некои градови е укината, на многу луѓе им е тешко да го надминат стравот од заразата и продолжуваат да се придржуваат кон мерките за социјално дистанцирање и самоизолација.

„Веројатно уште долго ќе се придржувам кон социјалното дистанцирање зашто сè уште не се чувствувам опуштено меѓу луѓето на местата кадешто го има многу“, вели Анастасија, студентка од Москва.

Оваа промена на социјалната динамика би можела исто така да влијае на сексуалниот живот на Русите.

Социјалниот психолог Алексеј Рошчин верува дека ширењето на коронавирусот предизвикало асексуалност кај многумина Руси кои претходно не ја познавале оваа состојба.

„Луѓето и претходно се жалеа [пред ширењето на вирусот] дека нивните односи се одвиваат онлајн или дека целосно исчезнуваат. Претходно, ХИВ и другите преносливи болести веќе влијаеја на сексуалните навики во општеството, веќе исплашија многумина. А, сега, за време на пандемијата со коронавирусот каков било однос од интимна природа во принцип стана огромен ризик“, вели Рошчин.

Најмногу се погодени оние кои се склони кон слободни односи без обврски, вели психологот Сергеј Ланг. За нив стана многу потешко да најдат нов партнер.

Од друга страна, некои брачни двојки доживеаја ренесанса во сексуалниот живот. „Претходно кога мажот и жената се враќаа исцрпени од работа и мораа да стануваат рано следниот ден, сексот стана еден вид должност. А, сега имаат повеќе време за да уживаат во еротските игри и во романтиката“, вели Ланг.

Здравје и храна

Вообичаен страв за многумина Руси беше што за време на самоизолацијата поради КОВИД-19 ќе добијат вишок килограми.

И навистина, тоа беше со причина. Според директорот на Серускиот центар за испитување на јавното мислење (ВЦИОМ) Кирил Родин, за време на пандемијата со КОВИД-19 Русите повеќе јадеа брза храна и си дозволија себеси поголемо количество од прехранбените производи кои се штетни за здравјето.

Експертот смета дека оваа нова навика е начин да се компензираат негативните емоции што Русите ги доживеаја во текот на самоизолацијата.

Во исто време дополнителното слободно време и стравот од КОВИД-19 мотивираше некои Руси поредовно и поинтензивно да се занимаваат со спорт.

„Сега имам 3.5 дополнителни часа слободно време секој ден, зашто тоа време го минував во јавниот сообраќај пред да започнам да работам од дома. Моето семејство и јас ова слободно време го посветуваме на здравиот живот и на спортот. Претходно одевме на базен некои 40-60 минути. Сега се занимаваме со спорт еден и пол час секој ден“, вели Марија од Москва.

Пазарење и патување

Со оглед на тоа што поголемиот број трговски центри во Москва, во Санкт Петербург и во некои други градови привремено беа затворени на неколку месеци, многумина Руси ја открија предноста на онлајн-купувањето и ја задржаа оваа навика и по режимот на самоизолација.

„Никогаш претходно немав нарачувано облека онлајн. Пандемијата ми помогна да ја откријам оваа практична услуга. Дури и сега, кога трговските центри се отворени, и понатаму купувам онлајн, зашто е многу полесно“, вели Јулија од Москва.

Таа вели дека исто така успеала во голема мера да ги намали трошоците, зашто помалку пари трошела на патот до работа, на убавина и на храна во ресторани.

Русите кои штедеа пари за одмор во странство мораа да смислат план Б. За многумина домашните летувалишта, како што се Сочи и Крим и нешто поегзотичното Бајкалско Езеро и Алтајските планини, станаа природна алтернатива.

Сочи

Дури и на почетокот од ширењето на КОВИД-19 во земјата 67% од Русите не планираа да ги откажат своите планирани летни патувања, иако некои мораа да ја сменат дестинацијата.

Според националната анкета, 23% од испитаниците кои обично не го минуваат летниот одмор во Русија, планирале тоа да го сторат во 2020 година, зашто поради затворените граници најпопуларните дестинации во странство станаа недостапни за туристите.

Изненадување претставува фактот што анкетата на Серускиот центар за испитување на јавното мислење покажува дека само 4% од Русите планираат да отпатуваат во странство на летување. Поголемиот дел рекле дека ќе останат дома (61%), додека 31% признаа дека ќе отпатуваат само во своите дачи.

Тука дознајте повеќе за истражувањата на руските научници кои работат на вакцината против КОВИД-19.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња