5 руски лекари и сестри кои се прославија за време на пандемијата на КОВИД-19

lina_alexa96, Валерий Шарифулин/ТАСС, vk.com
Уште од почетокот на ширењето на коронавирусот беше јасно дека вистинските херои носат еднократни заштитни маски и болнички мантили. Тоа се лекарите, медицинските сестри и другиот медицински кадар. Им изразуваме благодарност на сите оние што ни помагаа во борбата против коронавирусот, а воедно ве потсетуваме на лекарите кои посебно се прославија за време на пандемијата.

Денис Проценко

Главниот лекар на инфективната московска болница во реонот Комунарка Денис Проценко беше главниот извор на информациите за првите руски пациенти заболени од КОВИД-19, како и за состојбата во болницата и за методите на лекување.

Денис Проценко

На 31 март 2020 година беше соопштено дека и Проценко се заразил со коронавирус. Притоа тој не ја напушти работата, ами се изолираше во својот кабинет и во текот на две недели од тоа место раководеше со болницата, а исто така одржуваше и видеосостаноци со колегите. Под негово раководство од март до јуни лекарите од оваа болница излекуваа над 3.000 пациенти.

На почетокот на јуни Проценко заедно со својот тим замина во Дагестан за да им помогне на тамошните лекари во борбата со КОВИД-19.

Александар Семјонов

Во март 2020 година шефот на лабораторијата за имунологија и вирусологија на ФИВ инфекции на Санктпетербуршкиот институт „Пастер“ Александар Семјонов заедно со други лекари замина во Италија за да помогне во основањето на руско-италијанска полска болница во Бергамо за заболените со коронавирусот.

Градителите и лекарите за само две недели во целост ја оспособија болницата на територијата на изложбениот комплекс на Бергамската изложба на достигнувањето на народното стопанство. Потоа вирусологот дежураше во болницата, помагајќи во лекувањето на пациенти.

Благодарение на неговите совети лекарите во болницата излекуваа и пуштија дома 75 пациенти. Меѓутоа, тој привлече особено внимание кај јавноста откако на својот профил на Фејсбук објави фотографија на боршч кој Италијанците го направиле во знак на благодарност за руските лекари.

„Чорбата од цвекло, зелка и компир во месен булјон беше многу вкусна. На сите ни недостасува домашната кујна, па со нетрпение ја дочекавме чорбата“, напиша тој на социјалната мрежа.

Надежда Жукова

Во периодот на ширењето на коронавирусот најпопуларна медицинска сестра во Русија (а, можеби и во светот) беше 23-годишната Надежда Жукова од Тулската областна болница, која се прослави како „медицинската сестра во костим за капење“.

Надежда Жукова

Во медиумите и на социјалните мрежи Жукова стана тема откако еден пациент на локалните весници им испрати нејзина фотографија во костим за капење по провидниот заштитен костум. Медицинската сестра се облекла така зашто во болницата било премногу задушливо, а клима-уредите не работеле. Жукова веднаш стана вистинска хероина на мемињата.

Најпрво во областното Министерство за здравство сакаа да ја казнат медицинската сестра за неприкладно облекување, но корисниците на социјалните мрежи ја поддржаа, а губернаторот дури ѝ испрати благодарност.

Наскоро Надежда стана заштитно лице на еден спортски бренд, но рече дека не планира да ја напушти медицината.

„Никогаш не сум сакала да станам позната, имам други цели во животот. Сакам луѓето кон лекарите да се однесуваат со почитување, да го ценат нашиот труд, и тоа не само во оваа ситуација“, напиша Жукова на својот личен профил.

Лина Алексеева

Лина е медицинска сестра од Санктпетербуршкиот федерален кардиолошки центар. Во слободно време оваа девојка се занимава со фотографија, а во февруари 2020 година отвори профил на ТикТок, за да објавува снимки во кои зборува за својата работа, за хобито, за односот со својот сопруг.

„Кога од лекар бараат да постави дијагноза преку ТикТок“. Лина Алексеева

Во мај 2020 година нејзиниот центар беше претворен во болница за лекување заразени од коронавирусот. Тогаш Лина на својот блог почна отворено да зборува за условите во кои се принудени да работат лекарите во црвената зона.

„Во заштитните костуми е мошне тешко, особено кога времето е топло. На одделението нема клима-уреди. Во реанимацијата лекарите мораат да носат памперс, многумина се онесвестуваа во црвената зона од топлина и од недостиг на кислород“, вели девојката.

Благодарение на ТикТок девојката доби голема поддршка, што ѝ помогна да се избори со тешката работа. Нејзините снимки за работата во црвената зона имаа над 600 илјади прегледи, а сега на каналот таа има 67,9 илјади следбеници.

Максим Старински

56-годишниот уролог Максим Старински беше првиот руски лекар кој почина од компликации предизвикани од коронавирусот. За време на пандемијата на коронавирусот Максим го водеше одделот на болницата за ветераните од војната. На почетокот на април во болницата беше отворен стационар за заболени од КОВИД-19.

Максим Старински

Според податоците на „Москоу тајмс“, болницата не била подготвена за прием на пациенти со коронавирус. Заразени беа 64 вработени, вклучувајќи ги и Старински.

„Лекарот од болницата за ветераните од војната број 3 навистина беше инфициран со коронавирус. Тој итно беше префрлен на лекување во болницата во реонот Комунарка. За жал, на 20 април почина. Причина за смртта беше новата вирусна инфекција КОВИД-19“, соопшти секретаријатот за здравство на градот Москва.

Според податоците од сајтот со список на медицински работници кои починале од коронавирус, во Русија од оваа инфекција животот го загубиле 584 лекари, медицински сестри, лаборанти и друг медицински персонал.

Секој од нив, како и секој човек кој директно или индиректно помага во борбата против инфекцијата предизвикана од коронавирусот заслужува назив „херој“ и безмерна благодарност.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња