Дали Путин е во бункер? Како рускиот претседател се чува од коронавирусот?

Режимот на самоизолација ги опфати сите, па и рускиот претседател. Епидемијата го принуди да го промени времето и местото на работа, па дури и опкружувањето. Еве што се случува овие денови со Путин.

По контактот со лекарот се повлече во самоизолација

Кон крајот на март Путин ја посети специјалната болница за КОВИД во Москва. Снимката на рускиот претседател во жолт скафандер го обиколи светот.

Но, се појави уште една фотографија: онаа на која Путин се ракува со главниот лекар на болницата Денис Проценко, но без заштитно одело.

Една недела по нивната средба, на 31 март, кај Проценко беше откриена инфекција со коронавирус (сега веќе е закрепнат), а следниот ден Путин замина во самоизолација. Престана да оди во Кремљ, го намали бројот на лични средби и повеќе не се ракува, изјави неговиот портпарол Дмитриј Песков. Претседателот привремено престана да се појавува во јавност.

Притоа Кремљ соопшти дека со Путин е „сè во ред“ и дека едноставно „сега сите одржуваат социјална дистанца“, вели Песков. Социјалната дистанца во случајот на Путин е максимална: речиси сите негови состаноци се одржуваат преку видеолинк. Навистина, некои од нив имаа пренос на телевизија, како на пример советувањето со членовите на владата за ситуацијата поврзана со коронавирусот.

На личен состанок со претседателот само проверени луѓе

Сепак, некои луѓе и понатаму можат лично да се сретнат со претседателот. На пример, во текот на последниве две недели тој имаше средба со министрите и со претставниците од банкарскиот сектор. Но, сите кои доаѓаат кај него мораат најпрво да бидат тестирани на КОВИД, соопшти Песков на 27 април.

Путин редовно се тестира на вирусот, како и неговиот портпарол. Определен дел од вработените во кабинетот на претседателот, според него, се тестираат неколку пати неделно. „Со оглед дека постојано одиме на работа. Еден дел од вработените работат од дома, а некои доаѓаат на работа само доколку е потребно, кога, на пример, се подготвуваат онлајн-настани“, објаснува Песков.

Освен тоа, за заштитата на претседателот не се воведени некакви посебни мерки, тврди Песков. „Претседателската медицина е посебна димензија, и тоа е секогаш така, нема никаква врска со епидемиолошката ситуација. Затоа се прави сè што е потребно за претседателот да се заштити од сезонски и од други болести“.

Каде се наоѓа моментално Путин?

Русите постојано дискутираат за тоа каде претседателот ја минува самоизолацијата. Новинарите изнесоа претпоставка дека тој од вирусот се крие во „некој бункер“, додека поединечните состаноци се само „конзерви“, односно дека станува збор за материјали кои се подготвени претходно.

Но, Кремљ ги демантира овие гласови и тврди дека Путин живее и работи во својата резиденција но Ново-Огарјово во близина на Москва, 10 километри од московската обиколница. Исто така, сите видеоконференции се пренесуваат од тоа место.

Песков објасни дека Путин непрекинато работи, независно од тоа дали е ден или ноќ и за кој ден од неделата станува збор, како и дека пливањето во базен и вежбите во теретана „се одвиваат на вообичаениот начин“. За волја на вистината, портпаролот на претседателот не знае како Путин го минува слободното време во самоизолација

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња