Како Македонците во Русија се справуваат со пандемијата од COVID-19?

Sofia Sandurskaya/Moskva Agency
Овие денови медиумите постојано пишуваат за животните искуства на Македонците низ светот. Многумина од нив се вратија во земјата и се наоѓаат во државен карантин или во самоизолација. Но, во Русија има многумина Македонци кои останаа таму и кои чекаат да ја преживеат пандемијата далеку од својата родна земја. Russia Beyond поразговара со неколкумина од нив и ви ги претставува нивните впечатоци.

Марија Пандева, Москва, лектор по македонски јазик на МДУ „Ломоносов“

Од ова време-невреме на коронавирус, многу од нас можат да се пофалат со искуство од државни, приватни или домашни карантини во обид да се спречи ширењето на вирусот. Такво искуство е и следново, од државниот карантин на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Карантинот беше задолжителен за странски државјани пристигнати на Универзитетот, прво само за оние од високоризичните земји, а потоа за сите.

Во карантинот бевме сместени околу дваесетина души, што некако стигнале во Русија пред да се затворат границите. Добра страна беше тоа што вработените во карантинот стоеја на располагање за сè и навистина се обидуваа да ни го направат престојот пријатен. Лоша страна на карантинот беше тоа што сите користевме иста кујна и бања, и понекогаш беше невозможно да се избегне контакт со некој иако сите бегавме од секого. Медицински сестри нè посетуваа три пати на ден и тие имаа целосна заштитна опрема, а вработените имаа маски и ракавици, но никој им немаше објаснето како правилно да ги користат. Карантинот се дезинфицираше секое утро. Требаше сите да останеме 14 дена, но бидејќи лекарот од поликлиниката на МГУ не дојде кога на 90% од нас ни завршуваше карантинот, останавме уште пет дена. За време на тие дополнителни пет дена, Универзитетот имаше обезбедено по три оброка на ден при што ја запознавме подобро руската кујна. Никој од нас немаше никакви симптоми и не нè тестираа за коронавирус, па сите бевме пуштени во нашите домови во Главната зграда на МГУ.

И по карантинот, изолацијата продолжува бидејќи движењето во Москва е многу ограничено. Речиси сè е затворено, поголемиот дел од собите во домовите се празни, нема ни студенти, ни професори, дури и нема потреба од држење дистанца, бидејќи никој не оди никаде.

Александар Талески, Перм, постдипломец и наставник

Во образовните институции во Перм е воведен карантин со цел превентивна заштита од ширење на коронавирусот од 16.3.2020. Првите два дена беа слободни за студентите, додека, пак, наставниот кадар технички се подготвуваше да премине на онлајн-настава. Од 19.3. наставата во образовните институции на сите нивоа продолжи да се одвива онлајн. Ваквата форма на настава траеше 10 дена. Од 28.03. со указ на Претседателот на РФ сега сме на еднонеделен распуст. За време на распустот нема никакви предавања и активности поврзани со наставата, па времето обично го користам за да работам над дисертацијата, за пишување статии, за работа со експериментални материјали или за читање. Од понеделник 5.4. се враќаме повторно на онлајн настава.

Јас, пред сѐ, седам дома. Бидејќи сум постојано зафатен со работни задолженија, времето во карантин ми минува брзо. Излегувам само за да купам продукти (планирано за неколку денови) во најблискиот маркет и да фрлам ѓубре. Можеби, ми недостасуваат традиционалните вечерни прошетки, со оглед на тоа што од почетокот на воведувањето на карантин во Перм имаше многу сончеви денови и беше релативно топло за овој период од годината.

Мислам дека до овој период државата добро се справува со ситуацијата. Исто така, може да се забележи дека кај луѓето не владее хистерија, како на други места. Нема недостиг на продукти. Полиците во маркетите се снабдени во согласност со потребите, односно како и пред ситуацијата со пандемијата на коронавирусот. Може да се забележи дека има недостиг на гел за дезинфекција, а исто така и на маски во повеќето аптеки. Сепак, забележав дека во некои институции, како студентски домови и слично се даваат бесплатни маски, а исто така забележливо е дека луѓето во Перм масовно шијат маски дома за сопствени потреби. Инаку, воведување карантин во Пермскиот крај не е реткост. Обично тоа се прави еднаш до два пати годишно, кога заболувањата од сезонски грип преминуваат определена процентуална граница. Оваа година ова е втор карантин, по оној од сезонски грип во оваа сезона, кога училиштата беа затворени на десетина дена.

Екатерина Пирковска, Санкт Петербург, студентка

За жал вирусот го зафати и Санкт Петербург, па така во овој град, како и низ целата држава, се преземени мерки. Луѓето во градот навистина се борат со овој проблем, мерките започнаа од месец март. Првите мерки беа во вид на предупредување на народот за лична хигиена како и за избегнување собирање во толпа, дезинфекција на јавните места (метрото, автобусите...).

Несериозното сфаќање на опасноста исто како и способноста на вирусот лесно и брзо да се распространува, доведе до поголем број заразени и потреба за преземање поголеми мерки од страна на државата.

Одговорното однесување на народот кон вирусот започна по спроведувањето на посериозните мерки како што се затворање на образовните институции и спроведување онлајн-настава, затворање на границите на државата, затворање на јавните места како што се трговските центри, продавниците и прогласување на април за неработен месец.
Морам да кажам дека народот во овој град навистина ги почитува мерките. Може да се забележи намалено движење низ улиците, а здравствените установи се максимално ангажирани. Сè уште не е видно изразена паниката меѓу луѓето, народот е доволно информиран за начините за справување со вирусот и сите изразуваат голема почит и благодарност за храброста на луѓето кои продолжуваат да работат во државните институции кои се насочени кон справување со овој проблем. Исто така тука се и неколку продавници кои им се на располагање на жителите 24/7.

Живко Јанев, Москва, студент

Јас сум студент на Рускиот универзитет за железнички сообраќај и транспорт (РУР-МИИТ). Годинава во јуни би требало да го бранам мојот труд и да преминам на докторски студии, но за жал, во врска со нашето ново секојдневие исполнето со COVID-19, некои планови ќе се променат. Навистина е премногу здодевно да се живее во центарот на најубавиот град на светот - Москва, а без можност да се излезе на улица, да се видат прекрасните Патријаршиски езера, Црвениот плоштад, да се оди на опера, на театар или, пак, на кино. Но, во врска со сите овие негативни случувања се појавија нови можности во прекрасната Москва. Сега слободно можам онлајн да гледам претстави, опера, балет, најнови филмови од филмската индустријата за само 1 рубља до 30 април, со оглед на продолжувањето на неработните денови во Русија поради целосната изолација на населението.

Јас преферирам да одам во продавница сам, а за особено „активните“ дами и господа постои нов сервис за доставување лекови и храна до влезната врата на сечиј дом. Ќе бидам искрен и ќе кажам дека сите овие случувања за мене не се толку негативни, бидејќи сега имам многу повеќе слободно време за пишување нови научни трудови, можам постојано да го развивам професионалниот готвач во мене, а исто така ги откривам новите способности на мојата физичка култура, бидејќи за мене е навистина тешко да се седи само дома.

Во моментов пишувам нов научен труд за примена на оптичките модели во железничкиот сообраќај и транспорт и постојано мислам на моите блиски членови од семејството и на моите пријатели и пријателки. Можеби ова е малиот тајм-аут во кој сите би требало да се замислиме што правиме и што треба да направиме за некои работи во светот да станат поубави. П. С. Ве сакам сите, чувајте се , и секако #седидома)

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња