Како се измени животот во Москва поради коронавирусот?

Валериj Шарифулин/TASS
Во Русија на денешниот ден (утро 18 март) регистрирани се 114 заболени од коронавирусот, а само во Москва има 55. Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин воведе нови ограничувања за московјаните, а животот за некои од нив кардинално се измени.

Работа и настава од дома и мерење температура на работа

Од 16 март 2020 година градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин ги задолжи сите работодавачи од Москва да ја мерат температурата на вработените, а луѓето со зголемена температура да ги отстранат од работа во канцелариите, се вели во наредбата. Сите московски училишта се затворени, а студентите московските високообразовни установи преминаа да настава од дома.

Некои компании уште претходно воведоа режим на оддалечена работа за своите вработени. 

„Нам уште на 13 март ни кажаа дека работата во канцелариите ќе престани минимум 2-3 месеци, дури сè не дојде на свое место. На почетокот сите се израдуваа, а сега сме исплашени“, вели за Russia Beyond една вработена во новинската агенција ТАСС.

На вработените кои ќе продолжат да работат во канцеларија, некои компании ќе им издаваат купони за такси до канцеларијата и назад.

Празни рафтови во супермаркетите и производи со испорака

Московјаните почнаа масовно да купуваат во супермаркетите сол, шеќер, хељда и средства за хигиена. Полиците во некои московски продавници изгледаат вака:

„Тоалетна хартија имаше, се грабаа за антисептички гел за раце, а конзервирано месо и хељда – тоа сега е дефицит! Вчера вечерта ситуацијата беше иста! Конзервите, за волја на вистината, исто така ги купија! Се подготвуваме, другари, да не боледуваме!“, напиша една од купувачките на Инстаграм.

Од Министерството за индустрија и трговија на Русија велат дека празните рафтови се појавиле поради тоа што вработените не секогаш успеваат навреме да ја постават стоката на полиците, а самите трговски синџири веќе ги зголемиле нарачките од доставувачите, така што не се очекува дефицит на производи.

Притоа многумина московјани целосно престанаа да одат во продавница и почнаа да нарачуваат производи со испорака.

„Денес, во понеделник, дојде кутија од Озон со хељда, курирот едноставно ја остави кутијата пред вратата, заѕвони и замина. Ваквата бесконтактна испорака мене целосно ми се допаѓа“, вели 24-годишната жителка на Москва Наталија.

Самоизолација наместо лекување и нова болница за заразените

На 16 март 25-годишната Татјана Морозова од Москва се разбудила со кашлица и со настинка. Таа сакала да повика лекар дома и за секој случај да направи тест за коронавирус, но не успеала во тоа – во најблиската поликлиника едноставно никој не се јавувал. Сајтот за здравство каде може да се пријавиш онлајн не се појавувал, а сите оператори на жешката линија за здравство биле зафатени. Подоцна девојката температурата ѝ се покачила до 38.5 степени, а по неколку часа успеала да повика лекар.

„Ми ги слушна градите, ми го провери грлото, ме праша дали сум контактирала со странци во последните недели, дали сум патувала во странство. Ми препиша аспирин и парацетамол и ми рече да пијам повеќе вода, но не сакаше да ми направи каква и да е анализа“, се жали девојката.

Истиот ден градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин ги задолжи здравствените организации на сите пациенти со респираторни симптоми да им се направи анализа за коронавирус.

„Секој нов случај бара хоспитализација не само на заболениот, ами и на уште неколку луѓе. Во болница се испраќаат оние кои контактирале со носителите на вирусот доколку кај нив се појави најмал симптом на респираторна вирусна инфекција“, пишува Собјанин на својот блог.

Воедно во Москва е избрано и место за изградба на нова болница за заразените со коронавирус. Исто така жителите на Москва и нивните блиски кои неодамна се дојдени од европските земји се задолжени да се придржуваат на режимот на самоизолација во својот дом.

Здравствен центар во Нова Москва за борба против коронавирусот ќе биде изграден за еден месец

Забранета е забава

Градоначалникот на Москва до 10 април ги забрани сите јавни настани со учество на повеќе од 50 лица. Министерството за култура воведе забрана за посета на библиотеки во цела Русија.

За на Русите да не им биде здодевно во режимот на самоизолација, руските онлајн-кина направија бесплатен пристап до филмовите и до сериите. Достапни се виртуелни екскурзии на неколку руски музеи вклучувајќи го Пушкинскиот музеј во Москва, Ермитаж и Рускиот музеј во Санкт Петербург.

Засега е непознато дали во Москва ќе бидат затворени и други места каде се собираат луѓето – кина, ресторани, барови и трговски центри. Алексеј, 18-годишен студент од Москва, нема намера да се откаже од одење во барови за време на викенд.

„Не треба да се лишуваат луѓето од единствената радост, инаку луѓето нема да умрат од коронавирус, ами од здодевност“, смета момчето.

Останатите жители на престолнината веќе одамна се подготвени за самоизолација.

„Јас веќе две недели се обидувам да не излегувам од дома“, вели Наталија вработена во Руските железници. „Со храна одамна сум обезбедена, заштитна маска купив. Што ќе ми се клубови, подобро да преживееме. Сè ќе биде во ред. Се надевам“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња